Првите средношколци “милионери” во Македонија на прием кај градоначалникот на Битола, Коњановски (ФОТО)

Победниците на натпреварот „Средношколец-милионер“, битолчаните кои ја освоија првата награда од 1 милион денари, денеска имаа прием во кабинетот на градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски.

Средношколците Иван Секуловски ( СОУ „Јосип Броз Тито“), Јован Талевски ( СОУ „Ѓорѓи Наумов“) и Марио Рабаџиевски ( СОУ „Таки Даскало“ ) кои работеа под тимот „Стеј Би“ победија со нивната бизнис идеја „Систем 4“, што подразбира користење напредни алатки со вештачка интелигенција за сервис за луксузни ресторани и хотели кој автоматски ги анализира нивните проблеми, односно систем за контактирање на бизниси, потоа телефонски агент кој го заменува рецепционерот, асистенти за интернет страниците и самите веб страници. Сето ова според нивната идеја ја олеснува работата, не само во областа во туризмот, туку може да најде примена и во други дејности.

Градоначалникот Коњановски им честиташе за освоената награда и ја пофали нивната мотивираност да се борат со своите идеи пред предизвиците на модерното време, охрабрувајќи ги и нив и сите други млади да бидат успешни млади луѓе во креирањето на својата кариера и иднина, а дека Општина Битола ја давала поддршката и ќе продолжи да ја поддржува младината од градот, да работи на себе и за својот град.

Натпреварот беше во организација на Бреинстер Некст Колеџ (Brainster Next College) и НУ (NU) Академиите за талентирани средношколци.
Идејата на овој натпревар беше да се најдат најталентираните средношколци, оние кои ќе креираат милионски бизниси, решаваат проблеми и ќе го менуваат светот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.