Српскиот претседател Александар Вучиќ на неговиот руски колега му подари шарпланинец по име Паша.
Тримесечното кученце беше целосно исчистено и средено за првата средба со рускиот претседател, пишуваа српските портали.
Познато е дека Путин обожува кучиња и дека неколку државници досега му имаат подарувано кучиња од раси кои се симбол на нивните земји.
„Кутрето има сериозно педигре од седум генерации. Станува збор за нашата најстара автохтона раса и познато е дека претседателот Путин сака токму такви раси“, изјави вчера извор од српското претседателство.
Паша има пасош со кој ќе отпатува за Русија, а во него се наведени сите најважни податоци за него, како на пример каде му е вграден чипот и кога е вакциниран.
Се чини дека рускиот претседател бил пресреќен на подарокот.