По 62. пат ќе се избира спортист на годината во Битола – Прилеп неодамна доби европски шампион, ама нема кој да го вреднува

Општинскиот сојуз на спортови и Општина Битола по 62-ри пат ја организираат манифестацијата Избор на најдобрите спортисти и екипи на Битола за 2025 година. Повод за тоа беше денешната прес конференција.

Годинашното мото на манифестацијата е „Верувај во себе, направи шампион“.

Претседателот на Сојузот на спортови Сашко Павловски рече дека подготовките се во завршна фаза, очекуваат и гости од неколку федерации од Македонија и гости од Министерството за спорт.

По категории ќе бидат избрани 10 најдобри спортисти, потоа најдобри сениорски, младински екипи и најдобри младинци.

„Имаше над 130 предлози за оваа година за избор на спортист. Навистина зад нас имаме многу успешна година во спортот во градот и бевме пред тешка одлука да ги определиме најдобрите“ рече Павловски.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кажа дека како Општина, спортот во Битола ја имал, ја има и ќе ја има поддршката на оваа локална самоуправа.

„Нашата задача е да се грижиме и да инвестираме во спортот, и тоа го правиме. Како Општина Битола продолживме и продолжуваме да вложуваме во спортската инфраструктура, професионалниот и училишниот спорт. Секаде со големи букви е запишано и докажано дека Битола е најспортскиот град во Македонија“ вели Коњановски.

Манифестацијата ќе се одржи вторник на 17 февруари со почеток во 19:00 часот во Народниот театар Битола, а вечерва од 18:00 часот и изложба на спортска фотографија во фоајето на Народниот театар од четворица автори.

Кога сме кај манифестацијата “Спортист на годината”, која во минатото нередовно, но постоеше и во Прилеп, градот под Марковите Кули пред една недела за прв пат доби европски шампион. Каратистот Матеј Белистојаноски освои европско злато на Кипар, но неговиот и успесите на голем број други спортисти и спортски работници, веројатно ќе почекаме да бидат вреднувани и со домашни одличја.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.