Прв Поштенски Маратон стана член на најголемата асоцијација за маратони во светот “Асоцијацијата на интернационални маратони и трки на далечина” (AIMS- Association of International Marathons and Distance Races). Во оваа престижна организација членуваат 400 маратонски трки од повеќе од 120 земји и територии во светот, а отсега и Поштенскиот маратон, кој оваа година ќе се одржи во Прилеп на 9-ти октомври.
Сертификацијата на маратонот се одвиваше на тој начин што официјален претставник на AIMS ја поминува, мапира и во исто време ја сертифицира целосната патека по која се одвива маратонската трка во Прилеп. По утврдувањето на сите правилности и далечината од вкупно 42 километри, донесена е одлука Поштенскиот маратон да стане член на организацијата. Целта на оваа соработка е да се етаблира и промовира патеката на Поштенскиот маратон низ целиот свет, размена на информации, знаење и стручност меѓу сите членови на здружението, како и поттикнување на странски маратонци и рекреативни тркачи да го земат своето активно учество во маратонот.
Пријавувањето се врши на веб страната на маратонот www.postalmarathon.com, а сите заинтересирани тркачи може да одберат да трчаат маратон од 42 км, полумаратон од 21 км, рекреативна трка од 5 км и трка за деца од 1км. Собраните средства од котизацијата на учесниците ќе биде донирана на фондот за помош на поплавените подрачја во Македонија, со што целокупната заедница на тркачи на долги стази се вклучува во хуманитарните активности по повод катастрофалната поплава која зафати неколку подрачја во Македонија.