Локалната самоуправа на Прилеп продолжува со интезивното темпо на подобрување на патната инфраструктура во Општината. Денеска започна реконструкција на дел од регионалниот патен правец 2339, Прилеп – Демир Хисар, во должина од 4 км.
-Инвестицијата изнесува 5 милиони денари, а парите се обезбедени од Јавното претпријатие за државни патишта. Изведувач е јавното претпријатие „Македонија пат“. Планирано е во оваа фаза да биде поставен нов слој на асфалт во должина од околу 4 км, изјави Гоце Стефаноски, раководител на „Македонија пат“ – Прилеп.
Оваа делница на која ќе биде поставен новиот слој на асфалт ќе биде на делот од населеното место Боротино до населеното место Кадино Село. Увид во градежните работи денеска изврши и градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески.
-Дел од овој патен правец се наоѓа во Општина Кривогаштани, а дел во Општина Прилеп. Во иднина ќе се потрудиме да обезбедиме средства да се продолжи реконструкцијата на патот од Кадино Село па се до стариот пат со Битола. Наредна активност која ќе ја превземеме ќе биде осветлување на влезот во Прилеп, кај населбата Варош, на регионалниот патот кој доаѓа од Македонски Брод.Исто така еден од приоритетитена локалната самоуправа годинава ќе биде и изградба на патот до населеното место Прилепец, имаме готови проекти и за патишта до селата Дабница, Крстец, потоа поврзување на селата Бонче со Подмол. Завршивме со една фаза на регионални и локални патишта до живите населени места, а сега продолжуваме со изградба и реконструкција на патиштата до оние места кои имаат под 10 жители. Патната инфраструктура е важна не само за опстанок на жителите во овие населени места туку и за развој на економијата и подобро функционирање на сообраќајот во целата Општина, истакна Ристески.
Изградбата на патна инфраструктура и брзиот транспорт на стоки и луѓе се едни од главните фактори за развој на една општина и нејзин економски просперитет и напредок. Токму затоа локалната самоуправа на Прилеп во последните 12 години посвети огромно внимание на изградба, реконструкција и рехабилитација на улици, општински и државни патишта.
За последните 12 години асфалтирани се вкупно улици во должина од 83 км. за што се инвестираа 9 милиони евра. Исто така се асфалтираа вкупно 45 км. општински патишта, инвестиција од 5 милиони евра и асфалт добија повеќе државни патишта во должина од 44 км, инвестиција од 8 милиони евра.
За 12 години во Прилеп се асфалтираше патна мрежа во должина од околу 200 км, за што беа инвестирани 22 милиони евра. Ова досега се нема случено во целокупната историја на постоењето на градот.