Потпишан меморандум: Општината ќе плаќа партиципација за студентите кои ќе студираат на државните универзитети

Со потпишување на Меморандум за соработка меѓу Општина Новаци и УКЛО ќе се влијае на намалувањето на миграцијата на младите луѓе во најкритичните моменти во државата и нивно останување во родното место во матичната земја. Меморандумот го потпишаа градоначалникот на Општина Новаци, Стевче Стевановски и ректорот, проф. д-р Игор Неделковски во просториите на ректоратот.

Предлогот на градоначалникот Стевановски финансиски да се помагаат идните студенти, жители на Општина Новаци кои ќе се запишат на државните универзитети на прв циклус студии во Македонија ќе се најде на дневен ред на седница на Советот на Општина Новаци.

Градоначалникот Стевче Стевановски очекува дека Советот ќе ја прифати идејата, Општината да ги стимулира младите жители да се запишуваат на државните универзитети, поточно на УКЛО, да се стипендираат во нивното студирање, со верување дека на овој начин се прави чекор напред да се задржат младите дома првенствено со студирањето а потоа и со нивното работење и создавање семејство.

Според ректорот Неделковски со формализирање на иницијативата Општина Новаци прави крупен исчекор, во заложбата да се задржат младите и квалификувани луѓе, дека станува збор за еден позитивен пример со којшто Општината препознала начин да се намали миграцијата кон странство и миграцијата од руралните средини кон градовите.

На овој начин, Меморандумот за соработка со самото потпишување промовираше еден од начините за сплотување на чинителите во општеството за решавање на вакви важни прашања кои може да отворат развојни перспективи во цели региони.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.