После долго време убедлив триумф на Победа: Црвено-белите со полн плен на стартот од првенството (Видео)

И најголемите оптимисти не очекуваа старт каков што денес на отварањето на новата сезона на Втората лига-Исток имаа фудбалерите на Победа. Блескаво издание, фуриозни први 45 минути, по кои беше остварено високо водство од 4-0.

И во целина гледано Победа во сите елементи на фудбалската игра денес го надигра минатогодишниот хит на првенството. Тимот од Пехчево беше добро простудиран, одлично затворени сите приоди кон голот на денес сигурниот Котевски.

Победа веќе во раната фаза од натпреварот-по само 15 минути игра веќе имаше водство од 2-0. А кога така рано ќе се отвори резултатот се игра малку посигурно и послободно, грчот кај младите фудбалери го немаше, а секоја и најмала шанса беше искористена да се канзи противникот, иако имаше одредени ситуации во кои можеше и требаше во завршница да се одреагира поедноставно и побрзо.

Во 9-тата минута веќе беше 1-0 со голот на младиот Давид Јошески по прецизниот удар во самиот десен долен агол од голот на Давков. Во 15-тата минта по асистенција на Јошески Филип Димоски стрелаше неодбранливо за 2-0. Во 37-тата минута на 3-0 зголеми Роберт Димитријески од левата страна на казнетиот простор упатувајќи прецизен удар во спротивниот агол од гостинскиот гол. Во 40-тата минута невнимание на гостинскиот стопер Христов кој играше со рака во својот 16-тник по што судијата Стојчески оправдано покажа на белата точка а Дарко Ангелески биеше неодбранливо од пенал за 4-0.

Високото водство на Победа од првиот дел разбирливо донесе мал пад во интензитетот на играта а за тоа покрај задоволните од резултатот домаќини секако придонесоа анемичните гости кои беа неубедливи создавајќи само една – две ситуации во кои на висина на задачата со сигурни одбрани беше домашниот голман Котевски.

Во секој случај игра и издание на задоволство на армијата симпатизери на црвено-белите кои влеваат оптимизам и бараат максимална подршка од сите на овој комбиниран тим од младост и искуство на тренерот Крстески.

Но, мечот со Кит-Го веќе треба да се заборави и со мислите екипата да се сврти кон дуелот од 2-то коло со новајлијата Росоман, кој денес исто така победи како домаќин со засилениуот нов второлигаш Слога Виница со 2-1.

Место за еуфорија, уште помалку за потценување на противникот нема. Со максимално сериозен пристап, дисциплинирано-со репризно издание на денешното, да се дочека дуелот следната недела на 30-тти август на Могила со цел со максимален ефект од 6 бода да се стартува во новата сезона.

Резултати 1 коло Втора лига-Исток: Победа-Кит Го 4-1, Саса-Брегалница 0-1, Росоман-Слога Виница 2-1, Плачковица-Тиквеш 0-1 и Кожуф-Осогово 2-0.

Победа: Котевски, С.Спиркоски(од 72 мин Петроски), Петкоски, Колевски, Ангелески(од 61 мин Кисески-Илијоски), Наумоски, Димитријески(Митрески), Дунимаглоски, Јошески(од 58 мин Каралиоски), Димоски и Гешоски(од 58 мин Алимоски).

Во следното 2 коло се среќаваат:Победа-Росоман, Кит-Го-Осогово, Брегалница-Плачковица, Слога Виница-Саса и Тиквеш-Кожуф.

Петар Димоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.