Последниот “мохиканец” кој продава семки во Прилеп: Садре е омилен и кај децата и кај возрасните

Ниту изгор сонце, ни ветер, ни дожд и студ не го спечуваат Садро Сејфулоски да ја извади количката полна со семки, сончоглед и други грицки да ги радува учениците денски кај ОУ “Рампо Левката”.

Сите го знаат како Садре семкарот кој ја тера 67-та година од животот. Тој е единствениот семкар во градот со корен и традиција.

Го негува и одржува занаетот од предците. Вади некој денар. Ги потсетува постарите на носталгичните времиња на корзото, првите љубови, фрлањето семки или сончоглед во прамените на косите на симпатијата, на преполниот стадион или масовната посетеност на ракометните мечеви зад старата библиотека или одбојкарските и кошаркарските дуели на градските спортски клубови во Соколаната.

Семкарскиот занает го научил и наследил од татко му Асан, кој добил дозвола во социјализмот од 1948-ма. Печел и продава семки од тиква, киткиритки и леблебии или како што велеа тогаш “занимација” при следење на фудбалски натпревари на стадиони или во кино сали. “Материјалите” ги купувал од селаните на пазар. Сончогледот не бил во палетата на понудата, оти не бил во “мода”.

Младиот Садро кинисал по стапките на татка си по основното училиште. Пред тоа помагал со носење на корпите со семки првин поблиску до Соколаната, па в театар… Ни на крај на памет не му било да учи средно, покрај “златниот занает”.

– Без семки не го бидува нуту фудбалот, ниту ракометот. Останав единствен кој успева да го задржи вниманието кај помладите. А имаше конкуренција меѓу шест семкари.

Сите изумреа, а никој не ги наследи. Последниот “мохиканец” сум, кој со количката секое утро излегува од дома во потрага по муштерии. Успевам со муабет и со добра мисла да се наметнам. А и со квалитетот на понудена.

Аманет од татко ми ми е да сум со сите арен, ведар, насмеан, весел и оптимист, да не сум поган и лош, кога некое дете ќе брцне со раката и ќе земе неколку зрна сончоглед, без да праша. Оставан впечаток на добрина.

Тоа ми е табиет, крв. Можеби и затоа сум омилен, иако се сменија неколку генерации. Дури некои постари им купуваат семки и сончоглед сега на внучињата и правнучињата. Не го напуштам заветот од татко ми, кој продаваше до 88 години, затоа што тоа е и порака на животот, а не само на бизнисот – кажува Садро, кој, како што некои го помнат, го викаа булеварскиот семкар.

На Сејфулоски, чаршијата му е во душата. Без неа не може да живее. Таа му била и средно и факултет. Најубавите години ги поминал таму. Кој ќе ја замени семкарската легенда Садре.

Извор: “Неделник ЗЕНИТ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.