Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица осомничени дека сториле кривично дело – Тешка кражба од член 236 став 2 во врста со став 1 точка 1 и во врска со член 22 (соизвршителство) од Кривичниот законик.
На точно неутврден датум во периодот меѓу 23.02.2020 година и 12.07.2021 година, двајцата осомничени соизвршители провалиле во заклучен стан чиј сопственик подолго време не можел да се врати во државата од САД поради пандемијата на КОВИД 19.
Во претсобјето на станот на улицата „Борис Бастеро“ во Битола ги пронашле клучевите од станот и од гаражите, па во повеќе наврати се враќале и одземале предмети, меѓу кои шест бас гитари, автомобил „Порше кајман С“ и автомобил „БМВ Х3“, спортски седишта „Порше“ и други предмети, со што се стекнале со вкупна противправна имотна корист во вредност од 4.522.457 денари.
При претрес, шесте одземени гитари биле пронајдени и вратени на сопственикот, додека се преземаат дејствија за пронаоѓање и на останатите предмети. Притоа едниот осомничен е лишен од слобода, додека другиот е во бегство.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени. Судијата го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена, а за осомничениот кој е во бегство мерката ќе започне да се спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.