Во недела на 9 август, православните христијани го празнуваат Св. Пантелејмон исцелител кој лечел со Божја помош
Највесело во прилепско за овој празник е во мариовско Полчиште, каде и оваа година манастирот Св. Пантелејмон широко ќе ги отвори портите за верниците.
Светите литургии се закажани во 19:00 часот во сабота и 07:00 часот во недела.
Манастирот се наоѓа југозападно од селото, оддалечен околу 1,5 километар во местото односно на самиот врв на гребенот (ридот) Скрка во Мариово. Местоположбата на манастирот е специфична. Изграден е на врвот Панделе на надморска височина од 1344 метри.
Св. Вмч. Пантелејмон во Мариово се нарекува со името Панделе, па затоа и местото на кое се наоѓа манастирот го добило името Панделе. До верскиот дом се стигнува по стрмен кривулест пат, каде доминира врвот, што овозможува глетка на цело Мариово како на дланка. Според усните преданија кај народот од овој крај, многупати се вели дека “Панделе е на високо и гледа сè”.
Манастирот првпат бил изграден околу 1830 година од Коле Папаров, за кого други податоци не се познати и не се сочувани. Манастирот бил изграден од дрвена граѓа. Така останал до изградбата на црквата од тврда градба. Околу 1938 година, на Тодија Рошков му се претскажало да изгради црква на истото место, од тврда градба.
Црквата била изградена под негово раководење со сесрдна помош од луѓето на околните села, претежно од Полчиште. Храмот бил изграден на нова локација да не се урни веќе постојната црква, иако била од дрвена граѓа, и поради новата локација утврдена на гребен од кој може да се гледа од сите страни. Новоизградената црква била поголема, сепак со скромни димензии и архитектура. Формата е правоаголна, долга 7 метри, а широка 6 метри. Ѕидовите се од камен, со бел малтер.
Покривот е со две косини, со мала купола. Направен е од понови материјали, со замена на стариот покрив, кој бил од камени плочи, со какви се покриени и најголемиот број куќи во Мариово. Има две врати, од западната и јужната страна. Црквата е осветена е од Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Петар, на 11 октомври 1985 година. Покрај славата на денот посветен на Св. Вмч. Пантелејмон, 9 август, се слави и денот на осветувањето на црквата 11 октомври и денот посветен на Св. Вмч. Георгиј, Ѓурѓовден на 6 мај.
Со изградбата на новата црква, старата била оставена на забот на времето, која се урнала. Останало само обележје каде се наоѓала. По претскажување на Карафила Гогова од Полчиште, на нејзина иницијатива и сесрдно залагање 1985 година, почната е и изградена нова, мала црква на старата локација, односно на избраното место. Новата црквичка е правоаголна, со скромни димензии, должина од 4 метри, ширина од 3 метри и височина од 2,5 метри.
Црквичката е посветена исто така на Св. Вмч. Пантелејмон. Внатрешноста не е зографисана, а иконостасот е скромен, направен од дрво.
Во манастирскиот двор се наоѓа и истоименото археолошко наоѓалиште (Свети Пантеле), кој претставува кастел од раноантичко време.
Посетете го манастирот Св. Пантелејмон во село Полчиште и уживајте во недопрената мариовска природа и чистиот планински воздух.