Пред 20 дена потпретседателот на италијанската влада Матео Салвини, повтори дека Италија нема да го променува својот предлог буџет. Европската Унија и даде на државата три недели да достави нов предлог во согласност со забелешките на унијата.
Салвини во интервјуто за радио “RTL 102.5” инсистираше на тоа дека експанзивниот буџет, кој следната година ќе го зголеми дефицитот на 2.4 проценти од БДП со овогодинешниот таргет од 1.8 проценти, е единствениот начин за намалување на јавниот долг, пренесува агенцијата Ројтерс.
“Италијанците се на прво место… Италија не сака веќе да биде службеник на глупави правила”, рече Салвини, кој ја предводи десничарската партија “Лига” која ја формираше владата заедно со движењето “5 ѕвезди”.
Европската комисија го повика Рим да предложи нов нацрт буџет со кој се намалува структурниот дефицит за 0.6 проценти на БДП, наместо да се зголемува за 0.8, како што се предвидува со сегашниот план.
Министерот за финансии на Австрија најави дека постои можност за санкции, а оваа информација ја потврдија и други лица на високи позиции во Брисел.