Болдерингот е качување на помали карпи без никаква опрема, каде се користат само физичките и психичките капацитети на спортистот. Тоа е доста адреналински спорт. Во Прилеп има доста потенцијал за овој спорт. “Прилеп во последниве неколку години стана светска хит–дестинација за развој на овој спорт затоа што целиот регион околу градот изобилува со вулкански карпи, потребни за овој спорт, кои ги нема на друго место во Европа”, велат македонските и светските болдеристите.
Во последните години Прилеп станува центар за развој на екстремните спортови, што е реткост за Македонија и за регионот. Околината на Прилеп располага со одлични услови за равој и негување на овие спортови, особено на болдерингот. Специфичните и уникатни карпи на локалитетите Маркови Кули, Баба и Трескавец, се рај за болдеристите ширум светот и го привлекуваат вниманието на стотици болдеристи кои во изминатите години се натпреваруваат во искачување на Болдеринг маратонот “Крале Марко”.
Напорите на локалната самоуправа и градоначалникот Марјан Ристески се насочени кон тоа овој маратон да расте од година во година, да привлекува што повеќе натпреварувачи и да биде еден од алтернативните видови на туризам, кој ќе значи економски прилив за општината, но и запознавање на светот со можностите и убавините на Прилеп.
Странците до сега се восхитени, велат дека Прилеп е најголемиот регион во светот кој дозволува перспектива за развој на овој спорт.
Сите посетители носат пријатни спомени во земјите од кои потекнуваат, го шират позитивниот глас и привлекуваат плус интерес за градот и развојот на овој спорт.
Дури и реномираното списание Клајмбер (climber.co.uk) во своето најново пишување го промовираше Прилеп како број еден дестинација за болдеринг во Европа.
Mинатата година од 6-ти до 10-ти април, Прилеп беше домаќин на болдеристи од целиот свет.
Прилеп е пример за тоа како се управува со овие природни ресурси, кои навистина се негуваат како благодет на природата. Градските власти докажаа дека без вложување на големи финансиски средства, може да се направи нешто што е вредно за сите, што може да претставува една од носечките гранки на прилепската економија во иднина и што може да претставува бренд на Прилеп и државата.
Ваквите услови го поставија Прилеп на светската мапа со околни карпи совршени за болдеринг.
Болдеринг маратонот се одржува секоја пролет. Се очекува оваа година да има уште поголем интерес од минатата година.
Покрај болдерингот во Прилеп исто така постои и мотокрос патека, каде се одржуваат европски натпревари во мотокрос, а во иднина напорите се да се организираат и натпревари на светско ниво. Во нејзина непосредна близина се прават проекти за картинг патека, патека за џипови, за планински велосипедизам и пеин бол игралиште.
А.Г.