Зоран Митрески од Прилеп, бизнисмен, кој важи за еден од најпознатите стопанственици кои се занимаваат со поставување на соларни панели за производство на електрична енергија, на Фејсбук напиша дека во „Десперадото за изведба на фотонапонски системи“ се случуваат фатални последици, и токму поради нестручност и брзање изгоре и фабриката за детска облека „Тила“.
Неговиот Фејсбук статус во целост го пренесуваме во продолжение:
-Мирисот на парите има посебна примамлива арома и како изгледа се нема пардон во тоа кој ита по нив и со што заслужува да ги добие?
Под дејство на ценовниот шок оваа дејност постана како бизнис број еден во светот, па и ние се обидуваме да го следиме трендот со сите сили што ги имаме на располагање.
Претходните години се алармираше дека се потребни квалификувани монтери кои ќе знаат и умеат успешно и квалитетно да ги имплементираат ваквите системи во секоја возможна ситуација.
За жал, институциите потполно потфрлија во припремањето на таквиот стручен кадар.
Инсталирањето на фотонапонски системи не е редење на лего коцки, како некои со леснотија умеат да го кажат, туку многу комплексна ситуација со неопходност од одлично познавање на техничките карактеристики на инвертерите, панелите, каблите како и целата заштитна опрема.
До само пред 2 години во Македонија постоеја максимум десетина фирми кои беа вредни да се носат со светските регулации за изведба со соодветните сертификати за монтери на ваквите системи.
Ценовниот шок и мирисот на парите си го направи своето! Преку ноќ се формираа стотици нови фирми кои биле калфи на тогашните мајстори, калфи на калфите и нивна трета хипер-креирана генерација на калфи.
За да се совлада оваа технологија потребни се неколку години сериозна работа на темата, ама ете постанавме земја на YOUTUBE стручњаци кои со својата ароганција од незнаење потфрлуваат во квалитетната изведба на овие системи, заштита по живот на луѓето кои се во тие објекти а да не спомнувам за технологијата и репроматеријалите кои при ваква ситуација од макотрпен 20 годишен бизнис постануваат само пеплосан безвреден материјал.
Бесмислено е да се коментира дали објектот е осигуран и да се плетат разни приказни за намерно запалување или пак од нестручно изведена работа?
Тоа нека биде задача на вештаците, ама какви и да се резултатите, солзите и плачот за уништените бизниси и многу деценискиот труд вложен во нив нема цена.
И сега кој е виновен за ваквите пропусти?
Дали се инвеститорите кои се фатиле на мамецот од евтино изведена инсталација или пак непрофесионалните изведувачи кои со своето непознавање на темата, а маѓепсани од профитот направиле елементарни пропусти за кои не постои пардон.