Пожар пеплоса цела дискотека во Германија – внатре имало 750 луѓе, нема жртви (ВИДЕО)

Во дискотеката „Kiss klub“ во германскиот град Кел, во покраината Баден-Виртемберг, во текот на изминатата ноќ избувна пожар кој ја зафати целата зграда, во момент кога во неа имало околу 750 лица, соопшти локалната полиција.

-Пожарот, кој избувна во клубот околу 3:45 часот наутро, се прошири на целата зграда. Според првичните информации на операторот, во моментот кога избувнал пожарот, во зградата се наоѓале околу 750 луѓе“, се наведува во соопштението на полицијата, кое го пренесува „Билд“.

Причината за пожарот сè уште не е позната. Поголемиот дел од присутните на забавата во дискотеката ја напуштиле зградата зафатена од пожар до пристигнувањето на противпожарната служба. Засега нема извештаи за сериозни повреди, а три лица побарале медицинска помош.

„Kiss klub“ е популарна дискотека со хип-хоп и афро музика во покраината Баден-Виртемберг на југозападот на Германија, а во неа редовно доаѓаат и посетители од блискиот Стразбур во Франција.

Видео од пожарот ТУКА




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.