Поднесена иницијатива до Собранието за гласање доверба на Владата

Би сакал да ја информирам македонската јавност дека во овој момент во Собранието на Република Македонија се поднесува Иницијатива која што треба да ја разгледа Собранието за доверба на Влада, ова денеска преку изјава за медиумите од собранието го истакна Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Би сакал накратко да го прочитам образложението. Владата предводена од СДСМ и ДУИ не донесе значајни резултати во претходните 5 години. Напротив, владее со измами и пазарења на сметка на најважните прашања за народот. Наместо да го сочува достоинството на државата и нејзините граѓани тие за секој поминат ден се повеќе го потонуваат народот во сиромаштија, непрекинат раст на инфлација и афери кои што се мултиплицираат на дневна основа. Владата предводена од Зоран Заев ги изневери граѓаните што се виде од резултатите одржани на локалните избори кои што всушност беа референдумско изјаснување против сегашната Влада и нејзините политики. Останувањето на оваа Влада, по ваков изборен резултат, без кредибилитет, без јасно мнозинска поддршка од народот и без план за решавање на здравствените проблеми ќе значи само продолжување и продлабочување на политичката криза надополнета со економската криза, енергетскиот шок, КОВИД тенденциите кои се загрижувачки, сето тоа сериозно ќе ја клекне државата на колена, вели Николоски.

Тој додава дека сведоци сме сите на криминалот и корупцијата на власта. Изневерени се сите надежи на граѓаните за подобар живот. Не постои функционален систем на владеење на правото, ниту правна држава. Граѓаните заслужуваат напредок на државата и на нивен подобар живот. Државата треба да излезе од постојаната криза, да се понудат решенија за предизвиците. Време е поделбите и конфликтите да престанат, ѕидовите во општеството да се срушат, време е за промени.

-Изминативе 5 години се доказ дека оваа Влада владее со конфликти и не оддалечува од Европската Унија само со една цел, а тоа е одбрана на криминалот и одбрана на политичките кариери и привилегии кои што ги уживаат функционерите на власт. Не се грижат ниту за државата, ниту за народот, ниту за придвижување на државата кон Европската Унија. Неуспехот на ова поле е разочарување и ги влече сите процеси назад. Поради сето ова наведено, ние долупотпишаните пратеници бараме Собранието да гласа за доверба на Владата. Иницијативата е поддржана од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За обнова на Македонија“, пратениците на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, пратениците на политичката партија БЕСА и пратениците на политичката партија Левица. Вкупно 61 пратеник ја потпишаа ова Иницијатива и 61 потпис се доставени заедно со оваа иницијатива до македонското Собрание. Очекуваме Претседателот на Собранието согласно роковите утврдени во Уставот и Деловникот во најбрз можен рок да свика седница на која што ќе се гласа за доверба на Влада, вели Николоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.