Популарниот македонски пејач Ален Хасановиќ вчеравечер им подготви вистинско изненадување на своите фанови со вклучување во живо преку својот официјален Фејсбук профил.
Имено, вчеравечер (20-ти септември) на само некоја минута по полноќ Ален ги извести своите фанови дека во наредните два часа ќе имаат можност да му поставуваат прашања, но и да нарачуваат песни кои тој ќе им ги отпее во живо и ќе го прочита нивниот коментар.
Според статистиката достапна на Фејсбук, само во првите десетина минути се приклучиле повеќе од 10.000 корисници кои активно го следеле неговиот директен пренос. Хасановиќ помош при изведувањето на ова изненадување имаше од својот помал брат, Армин Хасановиќ кој го пратеше во текот на целото вклучување, но и од менаџментот на неговата матична продукција која го емитуваше вклучувањето на својот телевизиски канал „Гранд ТВ“, достапен преку повеќето кабелски оператори и во нашата земја.
Од македонски, српски, ромски, па се до англиски мега хитови, Ален Хасановиќ ја забавуваше својата публика и најави дека во наредниот период ќе промовира нешто ново на кое веќе некој период работи активно со продукцијата „Гранд“.
– За Ален Хасановиќ секогаш се бара билет повеќе. Преполните дискотеки и гледаноста на Youtube се само еден показател за неговата успешна кариера која од ден во ден се зголемува. Во наредниот период ќе ја промовираме новата песна на Ален за која веруваме дека ќе биде одлично прифатена од публиката, исто како и сите претходни негови песни, коментираат од неговата матична продукција.
Покрај новата песна на Ален Хасановиќ, српската продукција „Гранд“ подготвува уште едно изненадување за македонските гледачи кои го следат музичкото шоу „Ѕвездите на Гранд“. Неофицијално, станува збор за Ристе Ристески, кој во моментов има ексклузивен ангажман во Швајцарија.
Извор: Пелагонија.мк