Попладнево на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев“ во пријателски натпревар, фудбалерите на Победа загубија од членот на Втората лига – Запад Охрид со 0-2, полувреме 0-1.
По одличната игра во ремито 1-1 со Вардар минатиот викенд, денеска црвено-белите одиграа лош натпревар. Се покажаа оправдани стравувањата дека по тој добар натпревар може да дојде до опуштање, што на крајот и се случи.
За разлика од тој меч денеска малку нешта функционираа добро во тимот на Победа. Ова денешно издание треба да биде такво од кое треба да се извлечат поуки, дека секој меч е посебен, секој меч е ново докажување, и дека не може да се живее на ловорики и не од изданието на претходниот натпревар.
Црвено-белите фудбалери мора да се „отрезнат“ и да сфатат дека едноставно мора да бидат 100% во и на секој меч.
Првенството е на прагот. Клупските амбиции се високо поставени и нема место за никакво опуштање. Само со максимално залагање и дисциплина ќе може да се одговори на поставените задачи и цели-победа на секој меч и борба за првото место!
Од друга страна компактниот тим на гостите предводен од Бочевски, денеска се покажа во многу добро издание. Иако ориентирани на дефанзива, охриѓани демонстрираа одлично дефанзивно позиционирање со голема дисциплина во играта, а со брза и едноставна игра со еден-два допири на топката беа искллучително опасни во контранападите, од кои во првиот дел креираа 3 изгледни шанси, а на тој начин и ги постигнаа двата погодоци.
Во вторник на 10 август е ждрeбот за новата сезона во двете Втори лиги (која започнува на 21-ви август), по што ќе се знае каде Победа ќе ја игра „генералката“ со новиот второлигаш Беса во Прилеп, или во Охрид следната сабота.
Петар Димоски