Победа со петарда го детонираше Детонит во Радовиш

Фудбалерите на Победа попладнево, во рамките на 20. коло на Втората лига-Исток, одиграа инфаркт натпревар за своите навивачи во кој славеа победа од 5-2 на гостувањето кај Детонит во Радовиш.

Армијата симпатизери на црвено-белите кои на платформата на ФФМ го следеа преносот од натпреварот, кинеа нерви по изданието на нивните љубимци во првите 45 минути, по кои домаќините имаа водство од 2-0.

Откако Јошески промаши зицер за водство на својот тим во 15-тата минута, Детонит за 7 минути постигна 2 гола и дојде до водство од 2-0. Во тие моменти се чинеше дека можеби со пораз виси и цела сезона.

Но, за среќа црвено-белите момци на полувреме се созедоа, па со далеку поквалитетно издание, набрзина со головите на Оливер Христов и капитенот Даниел Карчески, за само 7 минути израмнија на 2-2.

Во 64-та минута втор гол-по прекин, и тоа со глава на Христов, за пресврт и водство на Победа од 2-3, по центаршутот на Јорданчо Наумоски.

Пресвртот донесе и доминација на теренот, па до крајот за круна на одличните втори 45 минути црвено-белите постигнаа уште два гола.

На 2-4 во 76-та минута, со својот трет гол по враќањето во Победа, зголеми Филип Димоски по асистенција на Б. Спиркоски, а конечните 2-5 во 89-та минута ги постави првиот стрелец на Победа од есеноска Бојан Спиркоски, кој го скрши мразот и го постигна првиот пролетен гол, користејќи кикс-поклон на домашниот штопер.

По трите последователни нерешени натпревари, оваа прва пролетна и тоа гостинска победа треба да биде ветар во грб на избраниците на Капинковски.

Претстојната двонеделна пауза треба да биде искористена за дополнително подигање на формата, во пресрет на завршницата на шампионатот, во кој ќе се решава конечниот пласман.

Победа: Тофилоски, Бошески, Христов, Стомнароски, Карчески, Петејчук, Ангелески, Ј.Наумоски (од 82 мин Дунимаглоски), Јошески (од 46 мин Димоски), Б.Спиркоски (од 90 мин Дебрешлиоски) и Мазари.

Резултати од денешното 20 коло: Победа-Детонит 2-5, Братство-Беласица-0-3, Кожуф-Слога 1-0, Осогово-Пехчево 1-1 и Локомотива-Саса 0-4.

Табела: Слога 42, Победа и Беласица по 41, Саса 40, Осогово 27, Кожуф 26, Пехчево 23, Детонит 20, Братство 13 и Локомотива 6 бодови.

Во следното 21 коло на 2 април ќе играат:Победа- Братство, Слога- Детонит, Беласица-Локомотива, Саса- Осогово и Пехчево-Кожуф.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.