Победа им е во крвта! Прилепчанец најави дека ќе се самозапали на среде стадион

Неизвесноста околу иднината на ФК Победа повторно ја вознемири прилепската јавност, по информациите дека клубот би можел да не настапи во пролетниот дел од Втората лига.

Реакциите дополнително се засилија откако долгогодишниот симпатизер Кире Иваноски – Балче преку социјалните мрежи објави дека, доколку тимот не продолжи со натпреварување, ќе преземе крајно радикален чин на центарот на Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп.

“Излегувам од болница Отешево и доаѓам в сабота на натпреварот Победа – Новаци. Во спротивно земам збогум со моите прилепски фудбалџии и се самозапалувам на центарот на фудбалскиот храм, Градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп! Нема сила што може да ме спречи! Амин!!! Збогум! Се за Победа! Победа вечна, народе мој! Животот мој зависи од Победа Прилеп и од вас, фудбалџии мои драги и мили! Амин!“, напиша Кире Иваноски на Фејсбук.

Состојбата околу клубот и натаму останува неизвесна. Од јавноста се упатуваат повици за смиреност и разум, со надеж дека ќе се изнајде решение кое ќе овозможи продолжување на натпреварувањето и зачувување на долгогодишната фудбалска традиција во градот.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.