Попладнево на стадионот на Могилата по извонредно топло време и тешки услови за игра фудбалерите на Победа ја совладаа екипата на Росоман со 3-0, полувреме 1-0. Жешкото време беше главниот противник на фудбалерите на двата тима па така љубителите на фудбалот кои од Паркот на Револуцијата од далечина го следеа натпреварот видоа две различни полувремиња. Прво полошо и второ подобро со повисок интензитет и подопадлива игра.
Избраниците на тренерот Крстески, и покрај сите предупредувања дека нема да биде лесно, од почеток помислија дека лесно ќе се справат со новајлијата во лигата. Па затоа првите 45 минути протекоа со многу грешки и доста неповрзана игра на домашниот тим.
Со лоша организација на играта и многу непрецизни проигрувања, тешко се доаѓаше до ситуација за гол пред гостинскиот голман Ангелков. Сепак и денес Победа рано поведе. Во 7-та минута најдобриот играч на натпреварот Димоски со глава биеше максимално прецизно по центаршутот на Дунимаглоски. До одморот видовме уште еден неуспешен волеј на Димоски високо над голот и удар со глава на капитенот Гешоски крај стативата во судиското надополнување на крајот на првиот дел.
Советите во паузата, попријатните услови за игра во породолжението и неколкуте измени придонесоа во вторите 45 минути да се игра поквалитетно, со повеќе идеја во нападот, покомбинаторно, побрзо и со повеќе нагласена желба и волја кај поединци. По единствената закана на гостите на мечот преку Георгиев во 49-тата минута, повтрно во 7-та минута овојпат во вториот дел-вкупно 52-ра на натпреварот, гол на Димоски. Доби употреблива топка по десната страна се избори за позиција откосо во казнениот простор и без размислување биеше кон противничкиот гол-Ангелков малку ја закачи топката но само за да го смени нејзиниот правец и таа отседна во мрежата зад неговиот грб за водство на Победа од 2-0.
Со овие 2 гола Димоски е прв стрелец на Победа но и на лигата по првите две кола со 3 постигнати погодоци. Зголемената предност кај домашниот тим внесе дополнителна слобода и сигурност па до крајот се играше уште поквалитетно и како плод на таквиот однос на силите на теренот Крстески ги изврши 5-тте замени а еден од нововлезените фудбалери-Митрески во 75-тата минута успеа со својот првенец сезонава да го постави конечниот резултат 3-0. Гостите и покрај евидентната желба не успеаа ниту еднаш посериозно да го загрозат голот на Котевски кој денес немаше ниту една директна закана по неговиот гол, па да не беа неколкуте интервенции по нафрлените топки во неговиот казнен простор, ќе можеше да се рече дека беше без работа.
По максималниот ефект 6 бода од двата домашни натпревари на стартот на сезоната сега следи двонеделна пауза во првенството поради УЕФА календарот и настапите на националните селекции. Паузата ќе биде искористена за мало освежување на тимот, анализа на играта во првите две кола и секако подготовка за решавачките натпревари во продолжение на сезоната. Особено за првиот нареден меч со Саса во Македонска Каменица на 12-тти септември во рамките на 3-тото коло.
Потоа, ако нема некои неочекувани проблеми и непријатности, најверојатно Победа дуелот од 4-тото коло со Плачковица на 19-тти септември би требало да го игра на новиот тревнат терен на Градскиот стадион ,,Гоце Делчев,, каде би се вратила по пауза од скоро 4,5 години.
Резултати 2 коло Втора лига-Исток: Победа-Росоман 3-0,Кит Го-Осогово 3-3, Слога Виница-Саса 2-1, Брегалница- Плачковица 3-1, Тиквеш-Кожуф 1-1.
Табела:Победа и Брегалница 6 бодови,Тиквеш и Кожуф 4, Слога В и Росоман по 3, Осогово и Кит Го по 1, Саса и Плачковица 0 бодови.
Победа:Котевски, С.Спиркоски (од 77 мин Петроски), Петкоски, Колевски, Кисески-Илијоски (од 58 мин Стомнароски), Наумоски (од 70 мин Митрески), Димитријески (од 77 мин Дамевски), Дунимаглоски, Јошески, Димоски и Гешоски(од 58 мин Алимоски).
Во следното 3 коло на 12 септември се среќаваат: Саса-Победа, Росоман-Кит Го, Осогово-Тиквеш, Кожуф- Брегалница и Плачковица-Слога Виница.