Вчера попладне на пригодна свеченост во големата сала на Општина Прилеп, Општинскиот Фудбалски Сојуз на Прилеп го одбележа златниот јубилеј-50 години постоење. Во рамките на одбележувањето на ФК Победа му беше доделена специјална плакета како најистакнат и најуспешен фудбалски клуб од градов со посебни заслуги за развојот и унапредувањето на фудбалскиот спорт во Општина Прилеп. Плакетата ја прими претседателот на клубот Д-р Гоце Ингилизов.
-,, ФК Победа е огромен колектив во кој се развиваат околу 300 млади фудбалери. Покрај грижата за првиот тим, ние посебно внимание посветуваме на развојот и продукцијата на наши млади фудбалери кои во иднина ќе бидат носители на играта на првиот тим и ќе прераснат во репрезентативци на Македонија. Прилеп секогаш имал и ќе има фудбалери кои достојно ќе ја репрезентираат нашата држава. За клубот да функционира ние вложуваме максимални напори, огромен труд и средства. Морам да истакнам дека најголема заслуга за функционирањето имаат вложувањата во клубот на Општина Прилеп и прилепските компании: ,,Прилепска пиварница” ,,Жито Прилеп”, ,,Комфи Ангел”, ,,Мермерен комбинат”, ,,Витаминка” и ,,Кабелнет”. Се соочуваме со инфраструктурни проблеми, но постепено ги решаваме. Со завршувањето на реконструкцијата на градскиот стадион и решавањето на проблемите со терени за тренинг, Победа ќе стане клуб кој секоја сезона ќе биде во врвот на македонскиот фудбал”, истакна претседателот на клубот Д-р Гоце Ингилизов.
На свеченоста специјални плакети беа доделени на: постхумно на првиот претседател на ОФС Прилеп Петар Чатлески, на иницијаторот за формирање на ОФС Александар-Цане Самарџиоски и фудбалскиот судија Трајче Маџоски, на биснисмените Симон Наумоски и Кирил Самарџиоски, за повеќегодишно несебично помагање на спортот во Општина Прилеп од страна на компаниите ,,Витаминка” и ,,Прилепска пиварница”, на Градоначалникот Марјан Ристески за подршката на спортот во градот, на претседателот на ОФС Прилеп Марјан Стојкоски и на поранешниот прв човек на Победа Александар Забрчанец.