Фудбалерите на Победа го претрпеа тринаесеттиот пораз сезонава, откако попладнево во рамките на дваесеттото коло во Првата фудбалска лига, загубија со 3:0 на гостувањето кај Академија Пандев во Струмица.
Струмичани уште во третата минута од натпреварот ја потврдија фаворитската улога и со погодокот на Ѓоргиевски поведоа со 1:0, а мрежите потоа мируваа до 70-та минута кога Велиновски зголеми на 2:0, а две минути подоцна Врдољак ги постави конечните 3:0.
Во прилог на прилепчани не беше ниту дуелот помеѓу Скопје и Македонија Ѓорче Петров, каде тимот од Автокоманда успеа да се избори за 1:1 во самиот финиш на натпреварот, и со тоа да добие бод предност пред Победа на табелата.
И Скопје и Победа ги чекаат нови тешки гостувања викендов, Победа кај Брегалница, а Скопје кај Силекс.
Едно е сигурно, со ваков пристап црвено-белите ги чека пеколен завршеток на сезоната и ништо засега не гарантира дека работите ќе тргнат во позитивна насока. Ако Победа отпадне во Втора лига, мислењето е дека клубот многу тешко би се консолидирал.