Победашите во поход по три бода во пелагониското дерби: Се ветува 150% ангажман и посветеност

13680465_10210169630861219_4014084098719882224_o

Во пресрет на неделното пелагониско дерби од 1-то коло на новиот 25-ти шампионат на Првата лига, денес во ФК Победа беше организирана прес конференција.

На средбата со новинарите своите размислувања околу текот на подготовките, очекувањата од сезоната и од дербито со Пелистер ги изнесоа шефот на стручниот штаб Дарко Крстески и еден од најискусните првотимци Александар Крстески.

“Подготовките протекоа во најдобар ред. Мене најбитно ми беше во овој дел да не загубиме ниеден од играчите, да нема потешки повреди и со мали повреди сите сме доволно и одморени и спремни за првенството. Тешкиот распоред на почетокот дополнително на размрда и мислам дека за в недела ќе бидеме максимално подготвени”, истакна тренерот Дарко Крстески.

13667833_10210169630821218_4713285248283849888_o

“Првите натпревари, без оглед со кој противник играш, секогаш се доста тешки, а овдека дополнителна тежина на натпреварот става фактот дека се работи за пелагониско дерби. Сите знеме дека дерби натпреварите сепак се специфични и во нив никој не ужива во убавината, туку се става акцент на борбата да се дојде до бодовите, затоа што сите сакаат новата сезона да ја започнат со победа. Сите сме максимално подготвени и ќе дадеме се од себе да започнеме со победа во недела во Битола. Меѓу нас и Пелистер нема некои тајни. Добро се познаваме, знаеме со каков играчки кадар располагаат, но мора да се каже дека оваа екипа е доста засилена во однос на минатогодишниот состав, со 10-12 проверени квалитетни прволигашки фудбалери. Така да, нема нималку да биде лесно. Како секој прволигашки натпревар и секое дерби, ќе биде тешко, но да се надеваме дека ние од дербито ќе го однесеме целиот плен”, истакна Александар Крстески

13679958_10210169630901220_1746479019918986364_o

“Со Пелистер добро се познаваме, знаеме како играат и кој систем го играат. Во повеќе наврати сум кажал дека мене ме интересира само мојата екипа, а ниту еден противник. Ставаме акцент на нашата игра. Одиме во Битола каде не чека пеколен натпревар. Се надевам дека и од Прилеп од нашите љубители на фудбалот ќе имаме завидна поддршка. Тоа беше и целта на клубот, гледачите да дојдат, да го проследат натпреварот и навиваат за нас. Несомнено дека не очекува тежок натпревар, а ние сме малку окуражени од тој последен натпревар со Пелистер, а одигравме и во Банско така да добро се познаваме. Ние мора да дадеме максимум. Ако е потребно 120%, ние треба да извлечеме и дадеме 150%, за да остварме добар резултат, а добар резултат во 1-во коло како домаќини се 3-те бода во Битола… Новајлии сме во лигата. Добро е што ги задржавме сите играчи, добро се познаваме меѓу себе, со одредени играчи чии квалитети се вклопуваат во нашата игра. Посебно Цветаноски и Аломеровиќ. Имаме доста млади играчи на кои ќе им треба максимална подршка од плејадата постари играчи. За амбициите е рано, ќе играме максимално на сите натпревари со голема дисциплина, ако ни се укаже шанса да избориме пласман во горниот дел би било добро, но реален би бил пласман во средината на табелата”, додаде шефот на стручниот штаб Дарко Крстески.

Пелагониското дерби Победа-Пелистер се игра в недела од 17,30 часот. Влезници во предпродажба ќе можат да се купат денеска (сабота) на плоштадот во центарот на Прилеп, по цена од 60 денари, а во недела пред почеток на натпреварот во Битола, на стадионот под “Тумбе кафе”, по цена од 100 денари.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.