Питомците од генерацијата 2015/16 до Спасовски: Исклучете нè од политички игри и потпишете ни ги решенијата кои ни припаѓаат

Уште дента кога ги поднесовме нашите апликации за да бидеме дел од Министерството за внатрешни работи нашата цел беше една и единствена: да ги докажеме нашите квалитети и да застанеме рамо до рамо со нашите херои кои секојдневно го одржуваат мирот и стабилноста во нашата држава, му порачаа денес пред МВР питомците од генерацијата 2015/2016 на техничкиот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, кои се уште чекаат негов потпис на нивните решенија за влез во Министерството.

 

pitomci-mvr-640x396

Питомците истакнуваат дека се благодарни на шансата која им била укажана и секојдневно напорно работеле во текот на процесот на обуката која ја имаа во Центарот за обука во Идризово.

-Сериозноста на професијата што ја одбравме немаше простор за потфрлање, па така секој еден од нас созреваше да биде достоен на задачата која треба да му се пружи по вработувањето во Министерството каде ќе бидеме и директно вклучени во работат заедно со нашите колеги. Секој од питомците, без исклучок сонува да стане дел од тимот и верува во своите квалитети кои беа надоградени преку процесот на обука. Деновите кои ги поминавме во Центарот на обука на МВР за нас значат темел на обврската з зачувување на мирот, стабилноста и безбедноста во Македонија. Денес кога гледаме дека на нашите колеги им е неопходна помош, кога ги трошат своите капацитети и енергија на неколку полиња и се повеќе го чувствуваат недостатокот на енергија, ние сме подготвени да им помогнеме и одмениме и рамо до рамо со нив да ја вршиме обврската и задачата на Министерството за внатрешни работи. Не бараме ништо повеќе, само да ни бидат потпишани договорите. Еден потпис кој не дели од ангажман во МВР за да може достојно да ја работиме работата за која поминавме цел процес на обука и за која сонуваме, истакна Милорад Трајковски, претставник на питомците од генерацијата 2015/2016.

Трајковски истакна дека потребна им е можност да се докажат и да го применат сето она што го научиле, но и можност за стабилна егзистенција.

-Всушност, да се реализира она што нам ни припаѓа, а се кочи од политички причини. Разберете ја нашата порака и мака и исклучете нè од политичките игри, за да не страдаме во време кога сме им потребни на нашите колеги, истакна Трајковски.

Имено, Министерството за финансии има дадено согласност за вработување на 400 полициски службеници на 4 април годинава. Следниот ден согласноста е примена во Министерството за внатрешни работи и на 6-ти април Договорите за вработување му биле доставени на Спасовски на потпис, но истите се уште непотпишани седат кај него.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.