Со Решение на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, за в.д. претседателка на ОО на СДСМ Прилеп е именувана Петра Лукароска, информираа во текот на вчерашниот ден од опозициската партија, а денеска новата претседателка, преку социјалните мрежи се обрати до членството.
Нејзинот ФБ статус во целост го пренесуваме во продолжение:
-Да се биде на чело на една од најголемите Општински организации на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, е огромна чест и привилегија.
Низ годините и децениите наназад, ОО на СДСМ Прилеп изнедрила голем број државни и партиски функционери кои важеле за значајни чинители во општественото живеење. Заради сите нив, заради огромниот број членови, симпатизери и поддржувачи на социјалдемократската идеја, како новоименувана претседателка на Општинската организација имам обврска, заедно со вас, да го вложам сето свое знаење во насока на враќање на партијата на победничките патеки.
Мојата визија е обединета и силна Општинска организација преку промовирање на социјалдемократските начела и вредности, отворање на вратите за секој приврзаник на идејата за силен СДСМ, пристап до секој партиски член, активист и симпатизер во секое маало и секое село во општина Прилеп.
Му благодарам на укажаната доверба на претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, ви благодарам на сите вас за искажаната поддршка и искрените желби за успешно извршување на партиската функција.
Заедно до победнички СДСМ!