Ништо од ветувањето на актуелниот градоначалник на Прилеп, Илија Јованоски, за поевтинување на сметките за вода дадено пред локалните избори во октомври минатата година.
Ветувањето дека прилепчани ќе плаќаат за 20 % пониски сметки за вода, се чини испари како и многу други работи.
Цената на водата за пиење остана иста, но прилепчани добија повисоки сметки. Ова деновиве е главна тема низ Прилеп, а особено гневни се пензионерите за кои секој трошок плус е значително оптоварување на нивниот буџет.
Со одлука на владеачкото мнозинство во Советот на општина Прилеп на 19.02.2018 година, се промени цената на услугата за собирање и одведување на урбани отпадни води која како ставка е дел од сметката за вода.
Досега граѓаните плаќаа по 3 денари за метар кубен на име на оваа услуга, цена која сега е зголемена на 5,28 денари, или плус 2,28 денари на секој потрошен метар кубен вода.
Она што сакаа општинските власти да го сокријат и тврдеа дека лажни се вестите за зголемените сметки, се потврди со сметките за вода за месец април кои прилепчани штотуку ги добија.
На приложените сметки може да се забележи зголемувањето на услугата за собирање и одведување на урбани отпадни води и да се види дека прилепчани навистина плаќаат повисоки сметки за вода, наместо како што беше ветено дека ќе добијат за 20% помали трошоци.
Семејствата во Прилеп сега се изложени на дополнителни трошоци, а оваа давачка особено ќе ја почувствуваат на свој грб стопанствениците, како и домаќинствата кои трошат поголеми количества вода.
Во продолжение погледнете како звучеа ветувањата на Јованоски пред прилепчани во пресрет на локалните избори минатата година: