Четиринаесеттата седница на Советот за безбедност денеска се одржа со двајца нови членови, односно премиерот Димитар Ковачевски, кој доаѓа на местото на поранешниот премиер Заев, и министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која доаѓа на местото на поранешната министерка Шекеринска, информира претседателот на државата, Стево Пендаровски.
Пендаровски посочи дека на седницата се дискутирало за актуелните политички и безбедносни состојби во земјата, во регионот и пошироко – во т.н. евро-атлантската зона на одговорност, со оглед дека сме членка на НАТО.
„На седницата имаше дискусија и за тензиите во поширокиот регион, поточно на украинско-руската граница. Имајќи предвид дека станува збор за две држави што граничат со таканаречената евро-атлантска зона на одговорност, Македонија како членка на НАТО беше должна да ги направи и ги направи сите неопходни подготовки – повторувам, подготовки, за можните сценарија во зависност од тоа како ќе се одвива текот на настаните во наредниот период во тој дел од светот.
Одговарајќи на новинарско прашање по седницата, претседателот рече дека Украина има партнерски однос со НАТО, но не е членка на Алијансата.
„На билатерална основа може да помагате, меѓутоа трупи на НАТО, вклучително и наша војска, нема да видите во борбени дејствија на украинска територија во случај таму тензиите да бидат до ниво на отворен конфликт. Значи, тоа е нашиот став“, истакна претседателот.