Денеска на плоштадот „Методија Андонов Ченто“ во центарот на Прилеп Универзитетот „Гоце Делчев“ во Прилеп имаше Отворен ден на кој ги претстави своите програми и студии пред средношколците. Како што истакна проректорот за настава проф. Д-р Кирил Барбареев “Отворениот ден” имал за цел да го доближи Универзитетот до потенцијалните средношколци.
„Денешниот Отворен ден претставува еден од начините на кој Универзитетот се претставува пред средношколците, особено пред оние коишто планираат да се запишат на еден од нашите факултети. Универзитетот има свои наставни центри, а Прилеп е еден од сериозните такви наставни центри кој има студиски програми од факултетот за природни и технички науки и факултетот на земјоделски науки со 7 студиски програми. Идејата е денес средношколците да се запознаат со потенцијалите на Универзитетот и да направат избор за еден од факултетите. Сакаме да се заблагодариме на Општина Прилеп и директорите на средните училишта кои овозможија средношколците да ги погледнат нашите презентации. Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип има 12 факултети, 3 академии, имал околу 5.500 слободни места, а наставата се одвива во 4 центри. Моментално Универзитетот запишува 2.300 студенти и очекуваме таа бројка да се зголемува во периодот кој доаѓа. Оваа образовна установа постои 10 години и низ неа поминале 30-тина илјади средношколци, а моментално активни се 12.000 студенти од сите градови од Македонија“, истакна проф. Д-р Кирил Барбареев, проректор за настава на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Барбареев рече дека она што посебно планира Универзитетот е развој на наставниот центар во Прилеп бидејќи поголем дел од енергетските потенцијали се наоѓале во западниот дел на Македонија. Студиските програми од рударство, геологија, од другите природни и технички науки, земјоделските науки биле сериозна потреба на регионот.
„Ние како факултет за земјоделски науки во Прилеп присутни сме трета година, студираат студенти кои се 6-ти семестар и овде сме со две насоки полјоделство и фитомедицина, соодветно на тоа што овде го нудат почвено-климатските услови. Оваа година имаме нов концепт на претставување на нашите програми и можности за запишување. Лани одевме по средните училишта каде директно ги претставувавме нашите студиски програми, а сега малку потранспаретно тука на плоштадот сакаме да ги претставиме нашите студии“, рече Љупчо Михајлов, декан на земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
На Отворениот ден присуствуваше и советникот за образование при Општина прилеп Марјан Матракоски кој нагласи дека локалната самоуправа на Прилеп има интерес да има што е можно повеќе високо образовани кадри од градот кои ќе го носат напредокот на Прилеп.
„Ми претставува посебно задоволство што како претставник на локалната самоуправа тука сум присутен на Отворениот ден на Универзитетот „Гоце Делчев“, што повеќе години наназад има дисперзирани студии во нашиот град. Тука имаме насоки од земјоделскиот факултет, рударско-геолошкиот факултет, знаеме дека Прилел е богат со неметали и има доста рудници. Оваа година ќе имаме околу 900 матуранти од Прилеп и се надеваме дека најголем број од нив ќе го продолжат образованието во Македонија“, изјави Марјан Матракоски, советник за образование во Општина Прилеп.
Освен Универзитетот „Гоце Делчев“ во Прилеп се претставуваат и другите Универзитети од државава кои пред средношколците ги прикажуваат своите студиски програми.