Се повеќе политички и општествени чинители испраќаат јасни пораки со поддршка на политиките за регионално поврзување, поточно со директна поддршка на иницијативата Отворен Балкан, формирана во 2019 година од властите на Македонија, Србија и Албанија.
Најново е тоа што ветеранот и еден од идеолозите на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен министер и амбасадор, Марјан Ѓорчев, деновиве во јавен ТВ настап на Канал 5 телевизија изјави:
“Отворен Балкан е добра иницијатива затоа што помага во движење о на луѓе стоки, капитал и услуги. И на некој начин има поддршка и од САД и од ЕУ, тоа е многу важно, значи без таа поддршка не би имала смисла таа иницијатива. И тоа е некој вид подготовка за тоа што не очекува во иднина, но ние самите ќе треба да си го направиме нашиот македонски дом, а Отворен Балкан е од тие начини да ја подобриме трговската размена нашите капацитети да работат и ќе обезбедиме поголем раст на економијата и поголемо задоволство кај нашите граѓани.“
Дополнително, деновиве, како што дознава Маркукуле од собраниски извори, на седница на собраниската комисија за надворешни работи раководена од опозицијата конечно биле ставени на дневен ред и разгледани заглавените ратификации на меѓународните договори од Отворен Балкан, конкретно оние кои се однесуваат на слободен пристап до пазарот на трудот и на идентификациски број за граѓаните на Отворен Балкан.
Со тоа, односно откако законите ќе поминат и на пленарна седница во Собранието, практично ќе се овозможи да се поедностават административните процедури за влез, движење, престој и работа на граѓаните на земјите потписнички, а земјите ќе гарантираат дека сите ќе имаат еднаков пристап на работа, без разлика од која земја од потписничките доаѓаат. Лицето кое ќе сака да работи во една од државите од Отворен Балкан нема да мора да бара и добива работна дозвола и дозвола за престој во земјата што го прима.
Со овој потег, со деблокадата на законите од Отворен Балкан, македонската опозиција практично покажува дека придонесува кон регионалното поврзување и дека не е противник на иницијативата Отворен Балкан за која се вели дека ја поддржуваат 70% од граѓаните на Македонија.
Интересно е дека деновиве и лидерот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош, не штедеше зборови на пофалба за иницијативата:
„Јас сум за Отворен Балкан, добро е да ги тргниме границите, да ги тргнеме царините. Да се зголеми слободниот проток на стока, луѓе и капитал. Тоа ќе придонесе за трговската размена, ќе го подигне ГДП, тоа ќе ја подигне конкурентската способност за сите овие земји на Отворен Балкан. Тоа е добра работа и треба да го поддржуваме и да работиме на остварувањето на целите и задачите коишто произлегуваат од Отворен Балкан, изјави градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски во емисијата “Само вистина” на Канал 5.
Во тековните состаноци на лидерите на земји членки на Отворен Балкан, вчера се одржа и онлајн состанок на кој членките на Отворен Балкан договрија заедничко претставување на придобивките од иницијативата на Берлинскиот самит на ЕУ посветен на Западен Балкан.
На состанокот лидерите истакнаа дека Отворен Балкан e препознаен како позитивна регионална иницијатива која веќе дава конкретни резултати за компаниите и за граѓаните кога се во прашање европските слободи за движење на луѓе, услуги и стоки. За таа цел на претстојниот Самит за Берлински процес лидерите се договорија да ги пренесат сите позитивни искуства од Отворен Балкан.
Соработката на лидерите во следниот период ќе биде фокусирана многу повеќе на заедничка поддршка за време на кризните состојби предизвикани од недостатокот на храна и струја. А државната администрација ќе се мобилизира за поддршак на бизнисот и граѓаите во овие кризни моменти.