Во Крушево отворена нова сала за фитнес и аеробик во рамките на спортската сала „Војвода Ѓорѓи Стојанов“, проект кој има за цел да ги подобри условите за спорт и рекреација, особено кај младите.
На отворањето присуствуваше градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески, кој истакна дека станува збор за значаен проект реализиран во рамките на иницијативата „Младински политики по мерка на младите“, финансиран преку програмата Цивика мобилитас, со поддршка од Амбасадата на Швајцарија.
„Особено радува фактот што токму младите од Крушево беа иницијатори на оваа идеја и активно учествуваа во нејзината реализација“, посочи Чонески.
Новата сала ќе има двојна намена – во претпладневните часови ќе ја користат учениците од СОУ „Наум Наумовски – Борче“ за часови по физичко образование и спортски активности, додека попладне ќе биде достапна за сите граѓани кои сакаат да практикуваат фитнес и аеробик.
Проектот е предводен од „Про Локал“ Битола, а во Крушево го реализираше Здружението за млади „Емпауринг Крушево“, во соработка со училиштето и локалната заедница.
Од Општината посочуваат дека ваквите иницијативи се од клучно значење за создавање подобри услови за младите, како и за поттикнување здрави животни навики и активен начин на живот.

























