Османи: Русија се меша во политиката во Северна Македонија

Шефот на дипломатијата Бујар Османи денеска во одговор на прашање на брифингот со новинарите, потврдно одговори дека има сознанија и индиции за руско влијание врз политичкиот живот во земјава преку одредени извори за финансирање.

– Во рамки на оваа информација произлезена од Стејт департментот немаме дополнителни информации во однос на случувањата во нашата држава, но од нашите анализи од нашите инстиуции има такво нешто и тоа е комуницирано и констатирано во неколку наврати, дека има обиди за такво вмешување во партиско-политичкиот живот во Република Северна Македонија, но тие прашања ќе ви ги одговорат инстицутиите што се надлежни за тоа, одговори Османи.

Тој, меѓутоа, во текот на брифингот одговарајќи на прашање за најавите на Левица за распишување нова иницијатива за референдум, одговори дека негов личен став е дека тие не се македонска партија, туку, како што рече, партија во функција на руската пропаганда за да го свртат македонскиот народ против ЕУ и САД.

-Мислам дека на државата нема да и направат многу штета затоа што има поширок консензус за правците по кои таа се движи, но на народот што го претставуваат може да му направат многу штета обидувајќи се да го свртат против вредностите што ние ги споделуваме. Не треба да паднеме на таа пропаганда која делумно е стимулирана и финансирана и има многу лоши и зли намери, прво кон сопствениот народ, а потоа и кон другите граѓани и кон државата, вели Османи.

Северна Македонија во неколку наврати досега прогласи 11 руски дипломати за персона-нон-грата.

Експертот Џош Рудолф од Германскиот Маршалов фонд во интервју за српската редакција на Гласот на Америка ги коментира последните наводи дека Русија потрошила најмалку 300 милиони долари за да влијае врз политиката во повеќе од дваесетина земји од 2014 година, според нов декласифициран извештај на американските разузнавачки агенции, кој предупредува дека официјален Кремљ не завршил со плановите – со пари да изврши влијание.

Американскиот виш претставник запознаен со разузнавачките податоци, рече дека земјите што се опфатени во напорите за тајно финансирање на Русија ги вклучуваат Албанија, Босна, Црна Гора, Белгија и Мадагаскар. Иако, не се споменува во извештајот, тој ја наведе Северна Македонија, наведува „Гласот на Америка“.

– Кога земјите прават планови за влез во НАТО како што видовме во случаите со Црна Гора и Северна Македонија, особено во случајот со Северна Македонија, имаше грчки олигарх со врски со Русија, кој ги финансираше протестите против промена на името на Северна Македонија и тоа го правеше и на двете страни на границата. Американската влада им ги пренесе на официјална Атина сознанијата и ги охрабри при што преземаа акција и објавија информации за тоа, вели Рудолф.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.