Традиционално поради големата заинтересираност од страна на граѓаните и по нивно барање денеска Општина Прилеп повторно ги отвори вратите, организирајќи го „Отворениот ден“ или т.н. „Црвен тепих за граѓаните“.
Први кои ја посетија општината беа четвртоодделенците од ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп. Учениците прво ја посетија големата сала на општинската зграда, потоа се запознаа со работата на едношалтерски систем, инспекторатот, секторот за урбанизам, архивата, секторот за општо-правни работи, одделението за финансии, раководителите на одделенијата, Јавното претпријатие за просторно и урбанистичко планирање, секретарот, шефот на кабинет, а остварија средба и со градоначалникот Марјан Ристески во неговиот кабинет. Учениците на градоначалникот му поставија и голем број интересни прашања.
„Јас го прашав градоначалникот дали ќе изградат парк блиску до улицата „Страшо Пинџур“ и тој ми одговори дека е планирано во тој дел на градот да се изгради детско игралиште и зграда“, рече еден од учениците.
„Јас го прашав градоначалникот како се решаваат проблемите од граѓаните на една општина ? Ние го прашавме кој е најважен сектор во Општината, а тој ни одговори дека сите се подеднакво важни“, ова беа само дел од прашањата на децата кои тие му ги поставија на градоначалникот Ристестески.
Овие посети се дел од проектот „Отворен ден за граѓаните“ кој е започнат уште во 2011 година, преку кој проект скоро секоја недела Општината ја посетуваат различни целни групи : невладини организации, граѓани, ученици, претставници на јавните институции, приватниот бизнис сектор и други.
„Традиционално Општина Прилеп организира „Отворен ден за граѓаните“, зградата на локалната самоуправа досега ја посетиле илјадници граѓани кои се запознаваат со работата на сите одделенија тука. Се запознаваат исто така и со проектите што се реализирани и проектите што треба да се реализираат во иднина. Општина Прилеп е една од најтранспарентните општини во Македонија и голем број од проектите кои се реализираат се произлезени од самите граѓани и тоа без разлика на возраста на оној кој ја дава идејата. Задоволство ми беше денеска да ме посетат учениците од ООУ „Кочо Рацин“, тие поставија доста прашања, а јас се надевам дека се потрудивме да ги одговориме сите. Исто така се надевам дека еден ден некое од овие деца ќе стане и градоначалник, и ние потоа да доаѓаме тука и да го прашаме што може да се реализира во интерес на граѓаните. Покрај „Отворениот ден на граѓани“ за поголема транспарентност на општината се реализира и настанот „Ден на идеи“ преку кого се реализирале голем број проекти во градот. Преку ваквиот транспарентен начин на работа на Општината многу е поголема ефикасноста во реализацијата на проектите и решавањето на проблемите на граѓаните во интерес на целата општина“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Општина Прилеп.
Градоначалникот Ристески се сретна и сo членовите на женскиот одбојкарски клуб „11 Октомври“.
„Идните планови на клубот се да се натпреваруваме во супер лигата. За да го оствариме тоа потребни ни се услови, како сала, пријателски натпревари и слично. Се надеваме дека наредната година ќе ги оствариме овие наши цели. Клубот брои околу 15 членови кои се натпреваруваат во кадетска лига, а имаме уште и 30-тина други одбојкарки кои тренираат во нашиот клуб“, кажа Евгенија Тошеска, член на клубот „11 Октомври“.
„Ми беше задоволство да се сретнам со членовите на овој одбојкарски клуб кој претставува наш бренд. Me запознаа со сите нивни планови за во иднина, и ние како локална самоуправа сакаме да видиме една женска одбојкарска екипа во првата супер лига и се надевам дека овој клуб има потенцијал и можност тоа и да го оствари. Ние како локална самоуправа им даваме комплетна поддршка“, додаде Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Освен учениците и спортистите Општината денеска ја посетија и повеќе граѓани од неколку урбани заедници од градот.