На територијата на општина Кривогаштани во моментов активно се работи на 7 локации каде повеќе изведувачи ги извршуваат градежните активности предвидени за реализација на проектите со кои општината си го загарантира својот напредок и модернизација со што веќе го доби епитетот на успешна општина која е на исто ниво со најголемите градски општини во државата. До крајот на тековната година општината очекува завршување на отпочнатите проекти чија реализација ќе ја променат физиономијата на самата општина и ќе се подобри животот и функционирањето на населението.
Улица Никола Карев по завршувањето на градежните активности ќе биде најмодерната улица во општината која ќе има атмосферска канализација, нов коловоз и тротар. Општинската зграда добива нов најмодерен плоштад со креативен и функционален дизајн а за кратко време ќе започне монтажата на јарболот пред општинската зграда, чија основа е веќе поставена. Исто така започна да се издигнува металната конструкција на спортската сала во ОУ Манчу Матак која за неколку месеци ќе биде ставена на располагање на училиштето. Во Крушеани се започнати активностите за изградба на канализациона мрежа со пречистителна станица со што Крушеани е второто населено место во општината кое добива канализациона мрежа а со истиот проект ќе започне да се гради и канализациона мрежа во населеното место Славеј.
Фирмата Страбаг веќе ги започна активностите за асфалтирање на патниот правец Кривогаштани- Обршани- Воѓани со што до крајот на летото клучниот патен правец во општината ќе биде целосно завршен. Во кругот на пазарот во Кривогаштани во финална фаза е изградбата на паркинг на зелениот пазар кој за краток временски период ќе прерасне во модерен затворен пазар за млечни и месни производи. Општината за неколку недели очекува да започнат и активностите за асфалтирање на улиците Илинденска во Кривогаштани, улица Капетан Игор Ѓорески во Обршани како и асфалтирање на патот кој ги поврзува населените места Бела Црква со Воѓани. Исто така денес започнa да се гради првиот крак на улица Македонски просветители која вклучува изградба на атмосферска канализација заедно со тротоари покрај ОУ Манчу Матак до раскрсницата кај детската градинка Весело Штркче.
Периодов се привршуваат подготвителните активности за започнување со адаптација на доградбата на општината по што ќе се изгради целосно нова фасада на целиот објект на општинската административна зграда вклучуваќи го и домот на културата за кого веќе се работи проектна документација за негова целосно опремување и адаптација на ентериерот.
Целата оваа слика ја прави општината да биде најголемото градилиште во државата за што пофалби стигнуваат од сите страни од случајните минувачи и жителите на општината кои со восхит гледаат и го поздравуваат тоа што денес се прави и тоа во што прераснува општина Кривогаштани, откако на нејзино чело застана Градоначалникот Тони Заткоски.