Управниот одбор на ЈП “Стрежево“ во Битола, на денешната он-лајн седница, за ВД- заменик директор го избра Љутви Ахмети, претседател на партискиот огранок на ДУИ во Битола по препорака на Владата – објави “АЛФА ТВ”
За да се спроведе оваа кадровска операција, претходно во Дирекцијата на јавното претпријатие беа извршени просторни поместувања, за да се обезбеди директорска канцеларија, а за Ахмети ќе биде обезбедено возило, возач и други принадлежности, неофицијално дознава АЛФА.
Исто така, во меѓу време, беа извршени промени на статутот и на другите акти, бидејќи од 2008 година наваму, вакво работно место не постоело.
Од “Стрежево“, барем засега, нема официјална информација или било каква реакција, но се претпоставува дека ова е рефлексија на превирањата во ДУИ, поради кои Заев мора да ги амортизира со ваква кадровска понуда во третиот и четвртиот ешалон.
Во Битола, неофицијалните реакции се дека “Стрежево“ е стратешки хидро- комплекс со акумулација од 120 милиони м3 вода и систем за водоснабдување на Битолскиот регион, Пелагониското поле, РЕК “Битола“ и другите индустриски капацитети за наредните сто и повеќе години и дека не трпи кадровски импровизации.
Колку и како ќе се вклопи Љутви Ахмети, кој досега како оперативен работник на смени работеше во Центарот за управување со кризи, допрва ќе се види.
Новоизбраниот директор во “Стрежево“, досега работел како оперативен работник на телефонска централа во ЦУК. Тој уште од 18 февруари кога немало олука на Влада, добивал честитки од своите пријатели, што може да се види на неговиот отворен фејсбук профил.
Видео прилогот погледнете го ТУКА