ТФА Елит пристигнува во Македонија и професионалниот фудбалски клуб од Дубаи ќе организира дводневни проби за млади и талентирани играчи кои ќе добијат можност да се стекнат со професионален договор и уникатна шанса да ја започнат или продолжат кариерата во Обединетите Арапски Емирати.
„Посветеноста на владата на ОАЕ да вложува во развојот на спортот и посебно во фудбалот е за пофалба и почит. Исклучителната можност да се натпреваруваат играчи од цел свет во лигата го збогатува квалитетот на фудбалот, но истовремено, овозможува и фудбалери од различни позадини да ги остварат нивните соништа.“ – изјави Али Ел Џиши, спортскиот директор на ТФА Елит
Пробите ќе се одржат на 4 и 5 август на градскиот стадион „Гоце Делчев“ во Прилеп, а експедицијата предводена од спортскиот директор, Али Ел Џиши веќе го најави настанот на кој ќе бидат избрани минимум еден, а најмногу тројца играчи кои ќе добијат шанса да се здобијат со професионален договор во метрополата на ОАЕ. Имено, младите и талентирани фудбалери кои ќе ги импресионираат тренерите и скаутите на пробите во Прилеп и ќе бидат прогласени за победници, ќе отпатуваат во Дубаи на 30 дневна проба каде доколку ги задоволат очекувањата на тренерите и стручниот тим на ТФА Елит ќе добијат професионален договор со клубот во пресрет на новата сезона. Клубот досега успешно организираше проби во Етиопија, Јужна Африка, Пакистан и Малезија кои вродија со плод, а следниот месец ќе се одржат проби во Унгарија пред доаѓањето во Македонија. Пријавувањето за пробите во Прилеп е веќе започнато и заинтересираните играчи може да се пријават, купат билет и дознаат повеќе информации на следниот линк.
ТФА Елит се натпреварува во четвртата фудбалска лига на Обединетите Арапски Емирати која е единствената професионална фудбалска лига во светот што дозволува дури 23 странски играчи да настапуваат за еден клуб. Минатата сезона екипата ја предводеше поранешниот фудбалер на Ливерпул, Болтон, Њукасл и сегашен тренер, Дени Гатри што доволно говори за амбициозниот проект на ТФА Елит чија главна цел е развивање и промоција на млади фудбалери.