Денеска во основното училиште „Страшо Пинџур“ во н.м. Мало Коњари беше одбележана 102 годишнината од раѓањето на народниот херој Страшо Пинџур, кој е роден на 03.03.2015 годинаво кавадаречкото село Ваташа. По тој повод учениците од ова училиште подготвија и пригодна програма.
„Денеска во чест на нашиот патрон, Страшо Пинџур, ги славиме успесите на нашето училиште, како на планот на духовното развивање и воспитување на нашите ученици така и успесите кои ги постигнуваме со континуираното подобрување на условите за работење во училиштето. Сакам да ги истакнам заслугите на градоначалникот и неговата администрација поради обезбедувањето на значајната поддршка која ни ја даваат нас како училиште на сите полиња“, истакна Зоран Петрески, директор на ООУ „Страшо Пинџур“.
На одбележувањето на патрониот празник присуствуваше и градоначалникот на Општина Прилеп, Марјан Ристески, кој им го честиташе празникот на наставниците и учениците и потенцираше дека како и досега и во иднина ќе се продолжи со инвестиции кои ќе ги подобруваат условите за работа во ова училиште.
„Ова училиште во изминатиов период доживеа една ренесанса, и тоа не само централното училиште тука во Мало Коњари кое комплетно се реновираше, туку комплетно се реновираа и подрачните училишта во Големо Коњари и Кадино Село. Во иднина се планира во училиштето во Мало Коњари да се воведе и нов систем за парно греење, со што многу ќе се подобри квалитетот на образованието и наставата. Во Големо Коњари пак се планира целосна промена на кровната конструкција. Училиштето во Кадино Село е комплетно реновирано, но и таму ќе се изведат помали зафати во текот на оваа година. Очекуваме и во иднина учениците од ова училиште да нижат многу успеси исто како и досега“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Од локалната самоуправа на Прилеп истакнаа дека и во иднина ќе продолжат со континуираните инвестиции во сите училишта на територијата на Општина Прилеп, во интерес на поодбрување на квалитетот на образованието на децата.