Две повозрасни жени во текот на вчерашниот ден се физички нападнати и ограбени во нивните домови во Куманово и Прилеп при што одземени им се златен накит и пари.
Како што соопшти МВР, едната кражба се случила вчера во Куманово околу 3 часот по полноќ кога непознат сторител преку прозорецот од купатилото влегол во домот на 50-годишината Е.М. која спиела. Откако пребарал низ куќата, физички ја нападнал и и ги одзел обетките што ги носела, а од плакарот одзел два златни прстена и еден пар обетки по што избегал. Извршен е увид од страна на увидна екипа од СВР-Куманово и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Во вториот случај, 72-годишната Л.М. од Кривогаштани пријавила дека во нејзиниот дом околу 19:50 часот две непознати маскирани лица затропале на влезната врата, по што ја турнале и влегле во салонот. И ги врзале рацете и нозете со селотејп трака и со закана со пиштол одзеле паричник во кој имало 800 австралиски долари, 200 евра, 3.000 денари и трансакциски картички. Извршен е увид од страна на Полициската станица во Прилеп. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.