Објавено до колку часот ќе работат кафулињата и рестораните

Министерот за економија, Крешник Бектеши, на денешната прес-конференција, коментирајќи ги мерките и препораките кои се бараат од угостителите пред утрешното повторно започнување со работа на овие дејности рече дека угостителските објекти со надворешни тераси ќе работат до 20 часот и дека не мора повеќе од двајца посетители седнати на една маса да се од исто семејство.

-Одлуката е само за отворање на тие угостителски објекти со надворешни тераси. Според протоколите, ќе се гледа на начинот на организирање на просторот и дезинфекцијата, како и однесувањето на клиентите и растојанието меѓу масите. Што се однесува до членови на семејства или не, таква одлука нема, изјави Бектеши.

Според Бектеши, шпекулација е тоа дека само најмногу до двајца ќе можат да седат на иста маса доколку не се од исто семејство. Претходно од асоцијацијата на угостители реагираа дека нелогично е на една маса ќе можат да седат само двајца ако не се од исто семејство, а четворица би можеле да седат само ако се од исто семејство и практично тоа за нив ќе значи бркање на муштериите.

Другите угостители, пак, ќе можат да отворат подоцна, откако ќе се види како ќе се почитуваат препораките.

-Ние имавме подготвен протокол од Комисијата за заразни болести кој предвидува три фази во отворањето на угостителските објекти. Вчерашната одлука на владата е реализација на втората фаза. Ќе ја следиме ситуацијата и ако се почитуваат протоколите ќе се реализира и третата фаза за отворање на објектите и во затворен простор, рече Бектеши.

Протоколите кои беа подготвени од Комисијата за заразни болести беа усвоени на вчерашната владина седница и како што рече Бектеши, тие не претрпеле позначителни измени во однос на тие што се доставени до коморите.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.