Објавени нови имиња на државни директори со астрономски плати – Земале од 1.200 до 11.000 евра месечно!

Дел од аферата „Паразити“ е Томислав Тунтев, директор на Агенцијата за Цивилно воздухопловство, кој зема плата од 203.000 денари месечно, односно 3.300 евра месечно. Тоа се 40.000 евра за една година. Додека народот има просечна плата од 470 евра, за Тунтев од СДСМ тоа се 3.300 евра, тврди ВМРО-ДПМНЕ.

„Јавноста ниту го видела Тунтев по заминувањето од функцијата пратеник, ниту слушнала за неговата работа. Тунтев не е директор во Германија или во некоја друга развиена земја, тој е именуван функционер од владата во Македонија. Во Македонија, во којашто народот не може да се прехрани, а тој зема годишна плата од 40.000 евра. И за еден мандат ќе инкасира цели 160.000 евра“, коментира ВМРО-ДПМНЕ.

Дел од аферата Паразити е и директорот на ПУИК, Зоран Ѓорѓиев, со месечна плата од 105.000 денари. Истиот за една година наплаќа 1.260.000 денари, односно 21.000 евра.

Никола Љушев, како дел од УО на Телеком, зема месечна плата од 713.000 денари, односно 11.500 евра. За една година тоа се 139.000 евра, а за еден мандат од 4 години 560.000 евра.

Љупчо Зиков, дежурен аналитичар на власта, а во принцип именуван функционер, месечно од МЕПСО зема 80.000 денари, што за една година е 960.000 денари или 16.000 евра. Во текот на еден мандат тој од оваа енергетска компанија ќе инкасира 54.000 евра.

Ова се дел од функционерите од аферата „Паразити“, вели ВМРО-ДПМНЕ, изјави портпаролот Томовски и најави дека утре продолжува со нови детали, на нова прес-конференција.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.