Образованието во Прилеп препородено, инвестирани повеќе од 10 милиони евра во изминатите години: Интервју со Марјан Матракоски – Раководител на одделението за јавни дејности во општина Прилеп

16395614_10210308489660100_50212714_n

Повеќе од 10 милиони евра инвестиции во образованието во Прилеп е бројка за респект, бројка која говори за долга и макотрпна работа, бројка која говори за посветеност, визија и желба да се изгради она што е највредно за едно општество, а тоа е развојот на младите и инвестирање во нивната иднина. Во изминатите 12 години образованието во општина Прилеп беше еден од главните приоритети на Локалната самоуправа, градоначалникот Марјан Ристески, и раководителот на одделението за јавни дејности во општина Прилеп, Марјан Матракоски. Се инвестираше буквално секаде, во основните и средните училишта, а не беа заборавени и училиштата во населените места. Прилеп доби 4 нови спортски сали, нови тениски игралишта, нови терени за фудбал, се променуваше столарија, подови, кровови, се реновираа санитарни јазли, се инсталираше централно греење, но се инвестираше и во хоритикултурно уредување на училишните објекти. Инвестициите не запираат тука и се планираат нови десетици проекти во новата 2017 година. За плановите и приоритетите, како и за тоа што се’ се направи во претходната година, разговаравме токму со првиот човек во образованието во Прилеп, Марјан Матракоски, Раководител на одделението за јавни дејности во општина Прилеп.

– Колку време сте советник за образование во Општина Прилеп, и каква беше состoјбата со образовниот процес и образовниот систем во Прилеп во моментот кога стапивте на должност на оваа функција.

На ова работно место како советник за образование започнав во 2005 година, прво како советник за образование, а сега сум на позицијата Раководител на одделението за јавни дејности, каде спаѓаат и спортот, образованието, културата и.т.н. Значи дванаесетта година како сум, би рекол, на оваа позиција. Во однос на вториот дел од прашањето, самиот факт што во изминатиот период се инвестираа повеќе од 10 милиони евра во училишните објекти, доволно зборува дека состојбата не беше баш така розова. Училиштата се соочуваа со доста проблеми, долгови, слабо реализирани инфраструктурни објекти, немаа централно парно греење, но би напоменал дека и процесот на децентрализација многу помогна во решавањето на проблемите и мислам дека во овие години доволно покажавме дека знаеме и умееме да се справиме со сите овие проблеми. Самиот факт што имаме околу 1050 вработени во образованието.

BeFunky-Collage1

– Да се прифати да се води образовниот систем во Прилеп во тоа време сигурно било предизвик, како вие најдовте храброст и што беше вашиот поттик да се зафатите со една таква макотрпна задача, имајќи во предвид дека претходната локална власт остави пустош во прилепското образование?

Сметам дека средства сигурно имало повеќе отколку сега, но било прашање на волја и желба како тие средства да се изменаџираат и да се направи нешто со образованието. Сигурно во овој момент немаме толку големи средства во буџетите, сепак зависи како тие средства ќе се распределат, можеби тогаш се распределувале за нешто друго, а не се инвестирале во образованието. Училиштата беа во една очајна состојба, никакви инвестиции не се случуваа. Прилеп тогаш беше трет град во жители и од 12 училишта во градот само 5 училишта имаа спортска сала. Во еден долг изминат период никој да не размислува за нешто што е основно за развојот на секое дете е несватливо. Беше предизвик да се работи, но сепак сметав дека можам да одговорам на оваа позиција, дека можам да работам и би рекол дека заедно со градоначалникот Марјан Ристески и Локалната самоуправа успеавме да вложиме многу средства и не се уплашивме од таа состојба во која се наоѓаа училиштата. Отворени сме за соработка со вработените во училиштата и со родителите, и како што кажав не се уплашивме од состојбата која ја затекнавме, туку реализиравме десетици и десетици проекти во секое училиште. На територијата на општина Прилеп има 40 училишни објекти и не посоти објект каде немаме инвестирано во последниве 12 години.

1115

– Ликот на основните и средните училишта во денешно време е целосно променет, вложени се 10 милиони евра. Постојат училишта кои целосно го променија своето руво, но се инвестираше буквално во сите образовни институции. Кои проекти се реализираа во изминатата 2016 година во образованието во Прилеп?

Во изминатите години постојано се инвестира, а не беше исклучок и минатата 2016 година. Реализиравме голем број на проекти, еве ќе започнам од основните училишта, каде најголем проект е новата спортска сала во ООУ “Добре Јованоски”, инвестиција вредна 40 милиони денари, еден од поголемите проекти е и промената на столаријата во ООУ “Блаже Конески”, каде комплетно се промени столаријата, а од сите објекти ни остана уште гимназијата “Мирче Ацев”, каде дел се направи промена, а со целосното завршување веќе сите објекти ќе имаат променета ПВЦ столарија. Подрачното улилиште на ООУ “Кочо Рацин” во населбата Рид партерно го уредивме училишниот двор. Се инвестираше и во ООУ “Рампо Левката” каде се промени дел од електричната инсталација, се санираа санитарните јазли на два спрата, а исто така како подрачно училиште се интервенираше и во зградата во населеното место Селце, каде се направи и нова училница и партерно се уредува дворот. Имавме помали проекти и во останатите училишта, во ООУ “Гоце Делчев”, во OOУ “Климент Охридски… и не се заборавија ниту училиштата во населените места. Инвестиравме во Кадино Село во подрачното училиште на ООУ “Страшо Пинџур” од Мало Коњари, каде се изврши целосна санација на санитарните јазли, во Подмол исто така се реновираше подрачното училиште на ООУ “Кирил и Методиј од Канатларци, се направија нови санитарни јазли во Ерековци, се работеше и во дел од училишните објекти кои се подрачни училишта на ООУ “Круме Волнароски” од населеното место Тополчани. Во Беровци и Галичани се направија нови монтажни училишта, се реновираше училиштето во Старо и Ново Лагово. Буквално секаде имаме инвестиции. Кога сме кај населените места, да споменам дека во Канатларци и Беровци отворивме и детски градинки во рамките на училиштата, а за неколку дена ќе ја отвориме и новата детска градинка во населеното место Големо Коњари. Претходно отворивме детска градинка и во населеното место Тополчани, па со тоа во сите поголеми населени места во општина Прилеп имаме отворено детски градинки. Се инвестираше и во средните училишта. Се заврши тениското игралиште во гимназијата “Мирче Ацев”, проект вреден преку 5 милиони денари од Агенцијата за млади и спорт, се асфалтираше игралиштето во СОУ “Орде Чопела”, се реализираше големиот проект за прекугранична соработка со Република Грција во СОУ “Кузман Јосифоски-Питу”, во вредност од околу 5 милиони денари, каде комплетно се промени столаријата, се постави нов покрив и нова термо фасада, што е од огромно значење. Се инвестираше и во СОУ “Ристе Ристески-Ричко” каде имавме промена на подови. Значи инвестиравме како во основните, така и во средните училишта.

IMG_6330

– Благодарение на проектот за изградба на 150 нови спортски сали на Владата на Република Македонија и Агенцијата за млади и спорт, Прилеп доби 4 нови спортски сали. Се планираат ли и други спортски објекти во другите училишта наскоро?

Пред да говорам за тоа, ќе го споменам и новото училиште во населбата Сточен Пазар за ученици до петто оделение од населбите Сточен Пазар и Жабино Маало. Веќе е поставен камен темелник и се надеваме дека ако не до први септември, до крајот на оваа календарска година ќе имаме ново училиште, што ќе значи премногу за овие две населби.

Што се однесува до спортските сали, предвидени беа 7, се изградија 4, две поголеми, две помали. Се надеваме дека за скоро време ќе се постави камен темелник за спортската сала  во ООУ “Кире Гаврилоски”, a во наредниот период да се реализираат и останатите 2 предвидени спортски објекти во ООУ “Кочо Рацин” и OOУ “Блаже Конески” и со тоа ќе добиеме 12 прекрасни спортски објекти. Да напоменам и тоа дека претходните 5 спортски сали кои ги имавме се целосно реновирани.

Исто така се изградија и две нови тениски игралишта во ООУ “Гоце Делчев” и гиманзијата “Мирче Ацев”, каде исто така се изгради и повеќенаменско спортско игралиште.

Планирани се и игралишта за баскет, поставуваме игралишта со вештачка трева, се направи фитнес зоната во населбата Типски, Прилеп доби два нови стадиони во паркот на Могила и во населеното место Тополчани, што значи дека градот се издигна на спортски план како никогаш до сега.

6389-pushtena-vo-upotreba-sportskata-sala-vo-oou-dobre-jovanoski-960x600-2

– Колку соработката со бизнис секторот, проектите за прекугранична соработка и фондовите на ЕУ се искористија во функција на образованието во Прилеп и дали постои тим во Локалната самоуправа кој работи на зголемување на овие средства, како и на подготовка на проекти со кои би се аплицирало за нови грантови?

Кога се работи за проекти од образованието, постои одлична соработка со одделението за Локален економски развој кое е надлежно за овие проекти, каде во соработка со нашето одделение за јавни дејности од ИПА фондовите пред 6 години добивме повеќе од 300.000 евра со кои на 10 училишта ја променивме столаријата. Тоа е прв проект кој го реализиравме со средства од европските фондови. Го споменавме проектот во СОУ “Кузман Јосифоски – Питу”, а во зависност од проектите на располагање и потребите ќе аплицираме и во иднина.

– Имате ли некоја ваша желба, односно што е тоа што сакате да го постигнете како краен дострел со вашиот ангажман на оваа функција?

Моја желба е да се реализираат што повеќе проекти, да имаме што подобри услови за образование, што помалку проблеми, да немаме нерешливи проблеми и  училиштата да бидат опремени со сите основни потреби во секое време.

IMG_0664

– Каква е соработката со директорите, колку тие придонесуваат со свои идеи и со својата работа во унапредувањето на образованието во Прилеп?

Многу е важна нивната работа и соработка бидејќи сам никој ништо не може да постигне. Секогаш кога се има добра екипа се постигнуваат и добри резултати. Мислам дека од почеток сме добро коориднирани, добро соработуваме и ги знаеме кои се проблемите кои можат да се јават и каде треба да се инвестира. Ние секогаш инвестираме по приоритети, не постојат притисоци и директорите се свесни колкави средства можат да се обезбедат. Директорите активно лобираат во однос на некои донации и активно аплицираат со проекти. Би рекол резултатите се возможни и кога постои тимска работа, сметам дека во изминатиот период доста добро тимски работиме и нормално резултатите од таа работа се видливи.

За крај исто така би ги споменал плановите за новата сензорна соба која планираме да ја отвориме во ООУ “Климент Охридски” и целосната реконструкција на игралиштето, а би го потенцирал и тоа дека инвестираме и во хорикултурното уредување на училиштата со цел да добиеме еден целосен урбан и уреден изглед на сите образовни објекти.

 

Подготви: Александар Георгиоски