“Обои ме во пријател” – прекрасен хепенинг во Битола по повод 3. Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост (Фото галерија)

По повод 3-ти декември Меѓународниот ден на лицата со попреченост Лајонс клубот Кабадаја организираше настан кој беше под мотото „Сонцето свети за сите или обоиме во пријател”.

Цртежите кои што ги правеа и нивните пораки кои што ги испишаа се креативна експресија на дечињата со која што тие препознаваат дека децата треба да бидат дел од секојдневието, во играта, во училиштетот, во домот, секаде во нашето општествено живеење.

Повеќе од една декада, односно годинава по 15-ти пат го одбележаа овој меѓународен ден, во тесна соработка со ресурсниот центар „Кочо Рацин“ Битола, со училиштата од градот, општината и Центарот за социјални работи.

„Целта не е само да се одбележи денот со една куса точка, со тој еден хепенинг, туку напротив низ процесот во кој се подготвуваат децата за овде да го направиме овој хепенинг, е всушност процесот низ кој ние се трудиме дечињата да станат свесни и да добијат повисоко разбирање дека сите деца независно колку се различни, од различни причини имаат исто место под едно сонце и на крајот од денот сите деца се сонца“, рече Емилиа Ѓероска, претседателка на Лајонс клубот Кабадаја.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски кој кажа дека иако денот облачен, децата ни го донесоа и денеска сонцето.

„Ќе има и други настани со цел да покажеме дека сите сме еднакви, знаеме да ги почитуваме различностите, инклузијата е дел и од образовниот процес, во нашите домови и секаде онаму каде што треба. Локалната самоуправа заедно со другите институции прави се за и овие деца да бидат дел од системот, дел од нас и да не почувствуваат промена и разлика“ рече градоначалникот Коњановски.

Тој ги покани за новогодишните празници тука на платото пред Офицерскиот дом заедно со Дедо Мраз на празнична дружба.

Директорката на основното училиште со ресурсен центар „Кочо Рацин“ Битола, Драгана Кирковска-дефектолог, кажа дека нашето општество е инклузивно и години наназад се подигнува свеста за инклузијата и децата веќе се прифаќаат како во редовните училишта така и во нивното.

Додаде дека овој ден за нив е потсетник дека сите светиме под исто сонце, сите сјаеме со иста светлина и упати порака за поддршка и почит не само на овој ден, туку секогаш заедно сплотени.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.