Овации за оперските уметници Ана и Игор Дурловски од страна на бројната публика, која синоќа го проследи нивниот настап на платото пред Офицерскиот дом, на концертот „Песни од срцата“.
Стари македонски изворни песни, беа отпеани од двајцата уметници со светска слава, придружувани од Камерениот оркестар „АЈГА“ под диригентска палка на Иван Еминовиќ, со посебна емотивна нота, проследена со врвна виртуозност.
„Калино моме“, „Дејгиди, луди млади години“, „Разболела се Ленка Пингова“, „Што да правам, што да чинам“, „Си заљубив едно моме“,беа дел од изведените композиции, на кои што никој во публиката на остана рамнодушен, особено на народната љубовна песна „Разболела се Ленка Пингова“, каде што Ана ја покажа својата извонредна колоритност во музицирањето.
Меѓу присутните беше и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој заедно со сите присутни на концертот, уживаше во концертот „Песни од срцата“.
Со ова исклучително музичко доживување, заврши богатата летна културна сезона во Битола.