Овие нови 5 зделки и решенија со потпис на Шилегов, а со кој овозможил бизниси на фирмата „Брилијант“, гласноговорникот на опозицијата го сврстуваат во чувар и бранител на интересите на спознорите на СДСМ
„Семос“ не била единствената фирма во чија полза одлучувал портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, вршејќи ја функцијата претседател на второстепената комисија во владата на СДСМ, каде постапувал за сите спорни јавни набавки и жалби.
Освен фирмата на семејството на Црвенковски „Семос“, Шилегов носел решенија со кои овозможил бизниси и на еден од најголемите спонзори на СДСМ, Мите Николов-сопственик на фирмата „Брилијант“.
Имено, слично по шемата на „Семос“, секогаш кога фирмата „Брилијант“ ќе се појавела на некој од тендерите на Владата на СДСМ, таа победувала, независно од жалбите на фирмите конкуренти кои ги обжалувале тендерските постапки поради неправилности и други пропусти. И тоа, според документите до кои дојде Нетпрес, причините поради кои комисијата со која раководел Шилегов ги одбива жалбите за прекршување на постапката се банални, изговорот е или некомплетна документација или ненавремена достава на жалбите. Па така, од тие причини Шилегов носи решение со кое фирмата „Брилијант“ го добива тендерот за кој „Окта“ се жали за набавка на масло за греење, со што фирмата на спознор на СДСМ го добива отворениот повик со број 01-152/2004.
Во сосема друг случај под изговор дека се неосновани приговорите Шилегов носи решение со кои се отфрла жалбата на „Макпетрол“ и на „Ваго Петрол“ за набавка на нафта за греење за потребите на Апелацискиот суд во Штип. Победник и на овој тендер е повторно „Брилијант“.
Исто така жалбата на „Макпетрол“ е одбиена од Шилегов со штуро образложение дека е неоснована и во случајот кога оваа фирма ја оспорува тендерската набавка на нафта за потребите на општина Штип на почетокот во 2005-та година. Повторно со решението, кое го носи Шилегов, бизнисот припаѓа на фирмата „Брилијант“, чиј сопственик е спонзор на СДСМ.
И „Пекабеско“ Скопје е одбиен во жалбена постапка за набавка на сончегледово масло за јадење за потребите на Министерството за одбрана. Овој пат „Пекабеско“ е одбиен само со едно единствено зборче дека жалбата е неоснована, а конечен добитник на тендерот е повторно фирмата „Брилијант“
Уште еден парадокс е одбивањето на жалбите на гигантите „Макпетрол“ и „Окта“ против тендерот кој го добива „Брилијант“ за набавка на масло за греење за потребите на Министерството за труд и социјална политика во февруари, 2005 година. И овој пат пресуден бил потписот на Шилегов на решението со кое бизнисот го добива токму „Брилијант“.
Инаку Мите Николов, сопственик на „Брилијант“, воопшто не е случаен човек. Тој важи за долгогодишен спонзор на СДСМ и личен пријател на Бранко Црвенковски и Зоран Заев. Тој, освен што е сопственик на фабриката за масло „Брилијант“, поседува и повеќе бензиски пумпи во државата, а неговото име и е познато на јавноста и кога отстапи негов деловен простор во строгиот центар на Скопје на користење на изборниот штаб на СДСМ за градоначалник во трката на ланските локални избори.
Она што сеуште е дилема зошто Петре Шилегов секогаш кога станува збор за фирма која е блиска до СДСМ одлучувал во нејзина корист. Колку чинат бизнисите кои ги овозможил на Мите „Брилијант“ и дали со дел од тие пари можеби се финансирале активности на партијата или пак зделките се некакво враќање на услуга на овој спонзор на СДСМ? Дали и колку се оштетени фирмите кои ги обжалувале јавните набавки и дали се местени тендерите?
Овие нови 5 зделки и решенија со потпис на Шилегов, а со кој овозможил бизниси на фирмата „Брилијант“, гласноговорникот на опозицијата го сврстуваат во чувар и бранител на интересите на спонзорите на СДСМ. Со овие документи на повидок е скандал кој отвора сомнеж за системско местење на јавните набавки во владата на СДСМ.