Машката одбојкарска репрезентација на Македонија повторно се пласира во финалето на Европската лига.
Македонските одбојкари ја победија Австрија во полуфиналето на завршниот „Фајнал-фор“ турнир во Европската лига со 3-2 во сетови.
Избраниците на селекторот Жарко Ристовски по голема борба го добија првиот сет со 25:23, но Австријците возвратија во иста мерка во вториот сет (23:25). Во третиот лошата игра пред се во нападот резултираше со само седумнаесет одвоени поени (17:25), по што Австрија поведе со 2-1 во сетови. Сепак црвено-жолтите не се предадоа, па по четвртиот сет кој го добија со 25:19 се вратија во игра.
Во решавачкиот пети сет, нашите одбојкари ја искористија третата меч топка, па откако го добија сетот со 15:13 и мечот со 3-2 во сетови можеа да го прославуваат своето второ во низа учество во финалето на ова натпреварување.
А во финалето кое на програмата е во недела од 17 часот, Македонија за противник ќе ја има подобрата селекција од вториот полуфинален меч кој се игра попладнево, а во кој домаќинот Бугарија се среќава со Естонија.