Новинарот од Прилеп, Огнен Јанески, на својот Фејсбук профил напиша мopбидно искуство кое го имал на шалтер во пошта во Скопје.
Неговиот статус во целост го пренесуваме во продолжение:
“Уште се чудам од случка од вчера. И еве, како разговарам со пријателите и со колегите, така дознавам дека ваквите искуства не се реткост кај нас, а се исклучителна небулоза и мopбиднocт.
Вчера одам в пошта, во Скопје, со „известие за пристигната пратка“ кое е на име на татко ми, кој е починат четири години.
За секој случај, носам со себе умреница и пратка врзана со таа што треба да ја подигнам од претходно, која била на мое име. Му го давам картончето на господинот на шалтерот, и подавајќи му ја мојата лична карта, му објаснувам дека пратката е за татко ми, но, дека тој е починат и дека носам умреница со себе.
Ми вели:
– „Ааа, не може вие да ја земете. Во случајов имате две опции, или лично или со полномошно од лицето да ја земете.“
Мене просто не ми се верува! Дури на момент, човек да помисли дека некој се зафркава со мене, иако тоа би било исклучително морбидно.
Му велам:
– “Господине, татко ми е починат четири години. И во двете од вашите опции се претпочита лицето да е живо. Освен доколку не сакате од гробиштата во Прилеп да го донесам да Ви се потпише. Затоа Ви носам умреница и плус претходна пратка, врзана со истата служба, на мое име.“
А тој мене ми одговара:
– „Не може. Такви се процедурите, дечко. Или лично – или со полномошно.“
Ама дали? Дали сериозно на човек кој ви споменува починат родител (или во други случаи кој и да е починат) му повторувате по четврти пат дека морал ЛИЧНО (се мисли на УМРЕНИОТ) да дојде на шалтер?
Во ред, некаде длабоко во својот мозок се обидувам да најдам изговор за таквото однесување (демек ако е процедурално, тогаш е оправдано), но, тоа е неуспешно.
Не сфаќам, како никој во оваа држава во изминатите децении не нашол начин за подигнување пратки од починати лица? Не е тоа вселенски брод од Македонија, па да е редок момент до степен на непостоење, туку тоа се секојдневни проблеми на граѓаните на оваа земја, врзани со одговорности кон државата откако лицето ќе почине, кои траат со години, а кои со секое вакво однесување повторно и повторно отвораат стари рани и болки.
На крајот, службеникот остана на тоа дека такви се процедурите (лично или со полномошно умрениот), и дека нема што да се направи, а единствено што ми останува да се јавам во институцијата која ќе ми ја навел (иако неколкупати му кажав дека знам од каде е пратката) и да им објаснам таму дека лицето е починато, па наново да ја прателе пратката на мое име.
А што доколку станува збор за рокови? За обврски кои се врзани со датуми? За работи кои не може да чекаат, а притоа на овие млитави институции во државава треба да им докажувам по кој знае кој пат дека татко ми е умрен?
P.S. Раскажувајќи им ја на пријателите и на колегите оваа непријатност, разбрав дека ова е чест случај и дека скоро секој трет имал вакво искуство, па дури и во приватни компании при откажување договори или слични процедури. Срамота”.