Во Здравствен дом Прилеп започна со работа нов кабинет за менаџирање со дебелина, со што граѓаните добиваат дополнителна и специјализирана здравствена услуга.
Кабинетот е наменет за лица со прекумерна телесна тежина и дебелина, каде пациентите ќе добиваат сеопфатна стручна проценка, советување, дијагностика и континуирана поддршка од специјалист по ендокринологија. Пристапот ќе биде индивидуален и прилагоден на здравствената состојба и потребите на секој пациент.
Во рамки на оваа услуга, пациентите ќе имаат можност да добијат едукација за правилна исхрана, препораки за промена на животните навики, насоки за физичка активност, како и советување за најсоодветен третман. Доколку е неопходно, третманот може да вклучува и фармаколошка терапија.
Според податоците за 2025 година, дури 65 проценти од возрасната популација во државата има зголемен индекс на телесна маса, додека 30 проценти живеат со дебелина како хронична состојба, што ја нагласува потребата од вакви специјализирани услуги.
Овој кабинет е воспоставен во соработка со Ново Нордиск, со цел да се зголеми информираноста, да се обезбеди навремена стручна помош и да се подобри грижата за лицата кои се соочуваат со дебелина.
Со отворањето на кабинетот, Прилеп добива значајно засилување на здравствените услуги, нудејќи им на граѓаните реална можност за подобрување на здравјето, стекнување поздрави животни навики и повисок квалитет на живот.



























