Екипата на РК Прилеп на домашен терен загуби од вториот тим на Еурофарм Пелистер со 16-23, (полувреме 7-9) и ги загуби шансите за пласман во плеј-офот во вториот дел од ракометната Супер лига.
Прилепчани веруваа во подвиг до последниот натпревар, но поразот од Еурофарм Пелистер 2 и Тиквеш во последните три одиграни кола си го направија своето, па сега РК Прилеп ќе игра плеј-аут за опстанок во најелитното ракометно друштво.
Во синоќешниот натпревар во екипата на РК Прилеп се истакнаа Даниел Андоновски и ветеранот Реваз Чантурија со по 5 погодоци, а кај битолчани исто толку постигна Јован Талевски, додека Никола Стоилевски натпреварот го заврши со 6 погодоци.
Прилепчани првиот дел од сезоната го завршуваат со 5 победи, еден нерешен епилог и 6 порази.
Вториот тим на Еурофарм Пелистер пак е последниот учесник кој ќе игра плеј-оф од групата Б во Супер лигата.