Наместо одговори за граѓаните кој, кога и како може да добие платежни картички од 6 плус 3.000 денари за купување на домашни производи и ваучери за туризам од 6.000 денари, министрите за финансии и економија, Ангеловска и Бектеши со напад кон новинарите – констатираа нетрпеливост и притисоци во прашањата дури и зачуденост како можело новинарите да поставуваат такви прашања.
Ова на социјалните мрежи го искоментира и новинарот Кристијан Ландов, според кого, Бектеши и Ангеловска се однесувале како уредници во медиуми, а не министри.
“Освен уредничката Нина Ангеловска, тука е и нејзинот заменик, Крешник Бектеши. Но, заборавија дека никој од колегите не им е потчинет за да можат да го шиканираат. Новинарите не ви се ПР во кабинет бе дечки. Научете си да се носите со секое прашање или спакувајте се и заминете”, напиша Ландов.
Новинарот на “А1он” и “Макфакс” во друг статус на Фејсбук вели:
“Ја знам Нина Ангеловска, ама не сум ја знаел оваа аргонација. Абе што е тоа исмевање и расправање со новинари по пресови, оценување на прашања, давање непримерни коментари? Срамота. И сето ова од министерка. Во најмала рака, должи извинување”.