Николоски: Корумпирани политичари дозволуваат безредие, Македонија наликува на нарко картел, кокаинот ни ги уништува младите, а со тоа иднината на државата

Во Македонија во изминативе години аферите се многу и се случуваат на дневна основа. Како никогаш досега системот е руиниран, корупцијата цвета, корупција има од најниско од највисоко, а институциите се нефункционални. Она што ме загрижува е немањето на никаква контрола од страна на безбедносните служби. Така во Македонија на македонските улици кокаинот го има како никогаш претходно и за жал ги уништува и убива младите и генерациите кои доаѓаат, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски на денешната дебата во Крушево „Справување со тероризмот- Предизвик на современа Европа“ во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените!“.

Николоски посочи дека тука се поставуваат две клучни прашања, прво е кој дозволува да влезе во државата, а второ кој дозволува да се продава и дистрибуира, а одговорот е на иста адреса, а тоа е власта.

– Ако има функционална Царинска управа и гранична полиција, секако нема да влезе во државата. Ако има функционални безбедносни служби, МВР и останати агенции кои треба да следат секако нема лесно да се дистрибуира, но реалноста е поинаква и Македонија наликува на нарко картел каде разните банди за контрола на терен се убиваат меѓу себе, а безбедносните органи немо го следат, истакна тој.

Николоски потенцира дека ако порано во Македонија се увезуваше криминал сега Македонија извезува криминал и криминалните пресметки од Македонија се префрлаат во соседството, Косово, Србија, Грција.

– Да не зборувам дека бројни нарко босови од Македонија веќе се видни членови на нарко картелите по Колумбија, Еквадор. Тоа е според мене еден од најголемите проблеми, затоа што уништувањето на народот и генерациите кои доаѓаат е трајно уништување на Македонија и уништување на иднината на Македонија. Тоа оди рака под рака со корупцијата затоа што корумпирани функционери дозволуваат вакво безредие, нагласи Николоски.

Николоски додаде дека корупцијата ја има секое ниво, ако во минатото беше реткост да има корумпиран службеник, полицаец, цариник, сега скоро и да нема некорумпиран.

– Корумпиран е премиерот, вицепремиерот, министрите и целиот систем се руши надолу. Во нашето пошироко опкружување се случуваат две војни, во Украина и Израел, сериозно ја загрозуваат иднината на светот и во вакви услови клучно е каде е Македонија и како безбедносно е структуирана. А за да биде таква треба да се избори со корупцијата. Нема подобар подарок за непријателите на државата од корумпиран политичар, затоа што таквиот може да биде уценуван, а многу такви видовме, да сменат име, да потпишат дека немаме свој јазик, историја, традиција, да се негира жртвата на тие кои ја дале за македонската држава. Тоа го направија уценети корумпирани политичари, изјави Николоски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.