Министерот за спорт Борко Ристовски заедно со градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, денеска официјално го пушти во употреба новиот современо уреден мултифункционален спортски центар кој се наоѓа во населбата Точила.
Во рамки на овој спортски комплекс изградено е: фудбалско игралиште, игралиште за кошарка, игралиште за одбојка и фитнес зона опремена со современи реквизити.
Со оваа инвестиција на Министерството за спорт, Прилеп се приклучува на мапата на локалните самоуправи во државата кои добиваат современи и функционални простори за спорт и рекреација. Новиот спортски центар обезбедува услови за развој на спортот, рекреацијата и здравите навики кај граѓаните, со посебен фокус на младата популација.
-Со ваквите инвестиции и успешно реализирани проекти испраќаме јасна порака дека спортот е приоритет и дека вложуваме во подобра иднина за младите. Нашата заложба како Министерство за спорт е инвестициите во спортската инфраструктура да бидат рамномерно распоредени низ целата држава и спортот да биде достапен за сите – изјави министерот Ристовски.
На новинарско прашање до каде е постапката за ставање во употреба на спортските сали “Македонија” и Универзалната сала, Ристовски со одговор:
– Почната е веќе постапка за раскинување на договорот со концесионерот од спортската сала Македонија, договорот ќе биде раскинат ќе биде преземена од Министерството за спорт, ќе биде реконструирана. Разговарано е со една локална компанија која што е заинтересирана да ја стопанисува, да вложи дел во таа сала и да биде предадена да се користи со заштита на јавниот интерес. Условот ќе биде салата до 13 или 14 часот да биде на располагање на сите кои сакаат да рекреираат бесплатно, за училиштата, за децата, а потоа по 15 часот да биде ставена на користење на концесионерот. Прашање е на месеци, можеби во почетокот на наредната година ова прашање би било решено.
Во однос на Универзалната сала, Ристовски рече дека проблемите се поголеми од првичното видување, односно дека објектот има проблеми со статиката.
– Универзалната сала не е во надлежност на Министерството за спорт, таа е под надлежност на ПУИК, ние сме во улога на медијатор со компанијата Комфи Ангел за стопанисување со истата. Ја прифаќам одговорноста во интерес на спортот и на Прилеп да ги седнам на состанок сите заинтересирани страни и да најдеме заеднички јазик. Дојдено е времето двете работи ги туркаме паралелно и што е можно побрзо градот да добие спортски сали, рече Ристовски.




























